среда, 27. октомври 2021. Вести денес: 214
home Фудбал

Лапорта одлучи: Куман мора да си замине, но кој ќе дојде на „жешкото столче“ на Барса?

Лапорта одлучи: Куман мора да си замине, но кој ќе дојде на „жешкото столче“ на Барса?

На раководството на Барселона на чело со Жоан Лапорта му „пукна филмот“ со Роналд Куман и веќе е донесена одлука – Холанѓанецот во најскоро време ќе добие отказ од тренерската функција. Лапорта летово го задржа Куман на кормилото, но серијата слаби игри и резултати, надополнета со константните изјави на холандскиот стратег „да не се очекуваат партии како до ланската сезона“ го навлече бесот на навивачитее, но и на челниците на Барса.

На сите им беше јасно дека без Меси во тимот ќе дојде до кризен период, но токму од тренерот се очекува да го извлече максимумот од она што го има на располагање во моментов, нешто што Куман не го прави. Лапорта веќе донесе одлука, мора да има тренерска смена на „Камп Ноу“, но првиот човек на Барса нема да брза со одлуката. Куман ќе остане сигурно на следниот меч со Кадиз закажан за среда, а големи се шансите тој да биде тренер на Барса и против Леванте и на дербито со Атлетико Мадрид, закажано за 3 октомври.

Добро упатени извори за ситуацијата во Барселона тврдат дека Лапорта ќе го смени Куман за време на репрезентативната пауза, давајќи му барем малку време на новиот тренер да се адаптира во каталонскиот клуб. Проблем ќе биде да се убеди врвен стратег да дојде на „Камп Ноу“, во ситуација кога Барса играчки нема тим за титула, но и се соочува со огромни финансиски проблеми поради кои не може да се ветат ниту звучни имиња за засилувања ниту за јануари ниту за следното лето.

Антонио Конте е желба на Лапорта, но трофејниот Италијанец размислува само за шампионски проект и е подготвен да чека извесно време додека не ја добие вистинската понуда. Чави повторно е во играч, но поранешниот капитен на Барселона има договор со Ал Сад што тешко дека ќе го раскине за во вака кризен период да се врати на „Камп ноу“. Каталонците најавуваат дека главна желба на управата е Роберто Мартинез, но актуелниот белгиски селектор најверојатно нема да ја повтори грешката на Куман, кој замина од стабилна селекторска функција и ризикуваше со доаѓање во Барселона, избор што воопшто не се покажа како правилен.

Локални избори 2021