сабота, 8. мај 2021. Вести денес: 0
home Фудбал

Како Интер ја прекина доминацијата на Јувентус во Серија А: Клучот на успехот е во неколку потези

Како Интер ја прекина доминацијата на Јувентус во Серија А: Клучот на успехот е во неколку потези

На четири кола до крајот на првенството во Серија А, екипата на Интер ја обезбеди 19. шампионска титула, прва по пауза од 11 години.
„Нераѕурите“ до титулата дојдоа откако Аталанта одигра само 1:1 против Сасуоло со што на четири кола до крајот тимот од Бергамо има минус од недостижни 13 бодови. Ова е прва титула за Интер по пауза од 11 години, односно од сезоната 2009/10 кога предводени од Жозе Мурињо ја освоија титулата во Серија А. Во тој тим на Интер, настапуваше и капитенот на македонската репрезентација, Горан Пандев.

Анализата за тоа како Антонио Конте успеа да ја прекине деветгодишната доминација на Јувентус, ја направи шпанска „Марка“.
За шпанскиот спортски весник нема дилеми, најзаслужен за освојување на титулата е тренерто Антонио Конте. Темпераментниот тренер го презеде Интер откако во сезоната 2018/19 екипата заврши на четвртото место со 11 бодови заостаток зад Јувентус.

– Не сум магионичар и немам волшебно стапче. Разликата помеѓу нас и Јувентус е преголема – беа зборовите на Конте по доаѓањето во Интер.
Тој во првата сезона не успеа да направи чудо како што му успеа со Челси и Јувентус во минатото, но веќе во втората сезона ја освои титулата. Неговиот рецепт за успех е формацијата 3-5-2 од која не отстапи ниту еден момент.

Иако не го намалува успехот на Конте, „Марка“ пишува дека Интер го има најдобриот тим во Серија А, а за неговото составување во последните две години беа потрошени речиси 300 милиони евра за засилувања како Лукаку, Хакими, Барела, Видал, Алексис Санчез.

Филозофијата на Конте е цврстата одбрана и тоа го докажа уште во првата сезона во Интер кога екипата имаше најмалку примени голови, а и оваа сезона се на добар да го повторат тој успех. Моментно Интер на 34 натпревари прими само 29 голови, а за овој успех најзаслужна е тројката Шкринијар-Де Вриј-Бастони кои се незаменливи сезонава.

Иако Интер не успеа да ја помине групната фаза во Лигата на шампионите, тоа се покажа доста корисно бидејќи Конте и фудбалерите имаа повеќе време за одмор и за подготовка пред натпреварите во Серија А. Така успеаја да направат серија од дури 11 победи по ред, што е втора најдобра серија во клупската историја, но во исто време успеаја да соборат нов рекорд. Интер оствари 14 победи на домашен терен сезонава.

Победничката серија на „нераѕурите“ започна со победата од 2:0 над најголемиот ривал Јувентус кога на сите им стана јасно дека овој тим е подготвен за освојување на титулата.

Конте летово погоди и со засилувањата, Ашраф Хакими се покажа како еден од најдобрите дефанзивци во Серија А и сезонава постигна дури седум гола, а има и седум асистенции. Покрај него и Де Вриј, голем напредок во играта беше забележан кај Николо Барела.

Исто така голем придонес во освојувањето има и длабоката клупа, односно широкиот ростер со кој располага Конте. Ова посебно се однесува за Кристијан Ериксен кој беше на прагот на заминување од „Џузепе Меаца“ но, од почетокот на оваа година игра одлично и се наметна како еден од најважните играчи во системот на Конте. Голем придонес има и Алексис Санчез кој како замине за Лаутаро Мартинез даде пет гола и имаше уште шест асистенции. Покрај Ериксен и Санчез, одлични партии влегувајќи од клупата прикажаа и Дармијан и Перишиќ кои заедно дадоа шест гола и имаат седум асистенции.

Но, се чини дека најголеми заслуги за титулата има фантастичниот напад. Ромелу Лукаку без сомнение е најдобриот фудбалер во Серија А оваа сезона давајќи 21 гол и има уште 10 асистенции. Покрај него, одлична сезона има и Лаутаро Мартинез кој даде 15 гола. Но, неговиот учинок добива на тежина доколку се знае дека Конте токму него највеќе пати го замени сезонава, дури 20 пати.

Коронавирус