сабота, 5. декември 2020. Вести денес: 85
home Фудбал

Интер му оддржа лекција на Милан

Интер му оддржа лекција на Милан

Екипата на Интер забележа голема победа во градското дерби со Милан (4-2) која дополнително добива на тежина ако се земе предвид дека „нераѕурите“ губеа со два гола од градскиот ривал по првиот дел.

Извештај од натпреварот:

Интер на Антонио Конте покажа карактер во второто полувреме и експресно се врати во мечот, а потоа и победи. Милан имаше две различни лица, во првото доминираше, во второто беше инфериорен, па разликата на теренот беше евидентна. Интер со победата во градското дерби повторно е лидер во Серија А и го искористи киксот на Јувентус.

Дуелот почна со неколку сериозни шанси на Милан, арно ама шутевите завршија крај диреците. Интер, пак, еднаш се закани, преку Весино, кој шутираше во рацете на Донарума од убава позиција за гол. Милан ја скрши дефанзивата на противникот во 40. минута, кога погоди Анте Ребиќ, по лоша реакција на голманот Падели. Само пет минути подоцна удвои Златан Ибрахимовиќ и бурно го прослави голот против поранешниот клуб.

Многумина очекуваа Милан да продолжи исто и во второто полувреме, но ситуацијата беше различна. Интер го покажа „лудото“ лице кога во две минути даде два гола. Прво стрелаше Брозовиќ со еден волеј од пред казнениот простор, па изедначи Весино. Голема заслуга за вториот гол ја има Алексис Санчез. Магичниот пресврт се направи во 70. минута, благодарение на Де Врај кој беше највисок во скокот.

Пред финишот, прво убава шанса за Интер промаши Барела по една контра, а потоа, можеше да има гол и на спротивната страна, арно ама стативата беше сојузник на „нераѕурите“ по еден шут на Ибрахимовиќ со глава. Во последните секунди од мечот, по една фантастична акција, во листата на стрелците се запиша и Ромелу Лукаку, за конечни 4-2.

Интер во наредното коло го чека ново дерби, на гости кај Лацио, додека Милан првпат загуби по пет кола и ќе биде домаќин на Торино кој е во голема криза.

 

извор: gol.mk

Коронавирус