понеделник, 12. април 2021. Вести денес: 134
home Фудбал

Интер може да го лади шампањското: Лаутаро и Лукаку ги однесоа на плус 11 (ВИДЕО)

Интер може да го лади шампањското: Лаутаро и Лукаку ги однесоа на плус 11 (ВИДЕО)

Милански Интер избега на огромни 11 бодови разлика на девет кола до крајот на сезоната во италијанското Калчо и дојде многу близу до првата шампионска титула после славната 2010 година, откако вечерва со 2-1 победија во одложениот меч поради ковид-19 со Сасуоло и го направија првиот голем исчекор кон „скудетото“.

Осмата победа во низа за Интер практично го решава прашањето за титулата, зашто сѐ помалку веројатно е дека во завршните девет рунди, „нераѕурите“ ќе прокоцкаат ваква предност и само чудо може да ги спречи за да не стигнат до ново „скудето“, прво после генерацијата на Жозе Мурињо и со Горан Пандев во тимот, кога миланскиот вечликан освои пред 11 години сѐ што можеше да се освои, од Лига на шампиони, светска клупска круна, Куп на Италија…

Двоецот Ромелу Лукаку и Лаутаро Мартинез со по еден гол во двете полувремиња го решија мечот, погодувајќи во 10-та односно 67-та минута, па Сасуоло само преку Траоре на пет минути пред крајот успеа да се врати во живот, но не и да изненади за да ја прекине одличната победничка серија на миланскиот тим и да одигра за другите ривали во оваа шампионска трка.

Јувентус со 2-0 го победи Наполи за да ја прекине мини-кризата, но остана на 12 бода заостаток зад Интер, по што веќе многу очигледно е дека деветгодишната доминација на „старата дама“ во Калчото завршува. Кристијано Роналдо и Пауло Дибала со по еден гол го решија Наполи, за кого македонскиот бисер Елиф Елмас доби 15 минути во завршницата од мечот, кога практично победникот веќе беше решен.

Лоренцо Инсиње од пенал во 90-та минута даде гол колку да го ублажи поразот, но премалку време имаше за Наполи да се избори барем за бод, по што Наполи остана на 56 бода, два помалку од Аталанта, а три зад Јувентус во таа трка за места во ЛШ.

Интер по 29 рунди има 71 бод, зад него е Милан со 60, Јувентус има 59, Аталанта е на 58, а Наполи на 56, додека шестиот Лацио има 52 бода, но со сѐ уште големи шанси да се избори за место во најдобрите четири кои водат во елитната ЛШ идната сезона.

Коронавирус