недела, 17. јануари 2021. Вести денес: 49
home Фудбал

Инфантино им помагал на ПСЖ и Сити да го заобиколат финансискиот ферплеј

Инфантино им помагал на ПСЖ и Сити да го заобиколат финансискиот ферплеј

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино се најде во центарот на масовни откритија по истекување тајни информации од „Фудбал ликс“, објавени од германскиот весник „Шпигел“. Наводите се дека тој, како генерален секретар на УЕФА, ги бранел интересите на Манчестер Сити и ПСЖ.

Во сопственост на компании од Блискиот Исток, двата клуба добија огромни инвестиции во последната деценија. Во неколку наврати, тие биле предмет на истрага за можна повреда на правилата за финансиски ферплеј.

Според информациите во 2014 година, Инфантино намерно се вмешал во работата на одделот во УЕФА, кој ги контролира клубовите за почитување на правилата за трошење. Документите покажуваат дека тогашниот генерален секретар на УЕФА и сегашен претседател на ФИФА гарантирал дека двата клуба ќе избегнат големи казни.

Во тоа време, истражувачите откриле дека ПСЖ имал дефицит од 218 милиони евра, а Манчестер Сити – 188 милиони. И двата клуба го надминале за неколку пати дозволениот од финансискиот ферплеј дефицит за вкупно 45 милиони евра за сезоните помеѓу 2011 и 2013 година.

И покрај позицијата во УЕФА, Инфантино се впуштил во заштита на интересите на двата клуба, кои според правилата биле загрозени од забрана за учество во Лигата на шампионите. Швајцарецот им обезбедил на клубовите класифицирани информации и им понудил компромиси што биле надвор од неговите можности.

Манчестер Сити и ПСЖ беа казнети со по 60 милиони евра во 2014 година. Тогаш веќе поранешниот менаџер на Арсенал, Арсен Венгер се спротивстави и повика за вадење на „граѓаните“ од Лигата на шампионите.

Оттогаш, Сити и ПСЖ потрошија вкупно над 1 милијарда евра за нови играчи. Парискиот клуб го скрши рекордот за најскап играч, откако го привлече Нејмар од Барселона за 222 милиони евра.

Инфантино беше избран за претседател на ФИФА по обемен корупциски скандал кој ја потресе меѓународната фудбалска федерација и слегувањето од власт на долгогодишниот претседател Сеп Блатер. Инфантино неодамна рече дека по реформите, „ФИФА излегла од клиничка смрт и веќе е во финансиско здравје“.

МИА

Коронавирус