петок, 21. септември 2018. Вести денес: 68
home Фудбал

Илиевски: Очекувам борбен натпревар, Ерменија проба за следниот циклус

Илиевски: Очекувам борбен натпревар, Ерменија проба за следниот циклус

Македонската фудбалска репрезентација до 21 година утре ја пречекува Ерменија во квалификациски натпревар за Европското првенство 2019. Селекторот Добринко Илиевски очекува тежок дуел, бидејќи, како што рече, ривалот ќе сака реванш за поразот во Ерменија.

– Се работи за цврста репрезентација, која на фаворитите им даде отпор. Играат агресивен фудбал. Во Скопје доаѓаат да се надигруваат и да бараат реванш за поразот во Ереван. Очекувам борбен натпревар, противник кој ќе „гризе“ на теренот, но тоа и нас ќе ни биде генерална проба за натпреварите во следниот циклус, изјави Илиевски.

Тој ги повика неговите избраници да го заборават претходниот дуел со Ерменците кои против посилните селекции покажале завиден квалитет.

– Натпреварот во Ереван го оставаме зад нас. Целиот меч тогаш беше во наша полза. Кога водевме, противникот тргна напред и како еден единствен натпревар не може да зборуваме дека тој противник е слаб, или дека ние сме подобри. Подоцнежните натпревари на Ерменија покажуваат дека сите натпревари ги играа квалитетно. Освоија седум бода, се работи за сосема добар и квалитетен противник, без разлика на сликата од претходниот меч, рече Илиевски.

Натпреварот од У21 возраста меѓу Македонија и Ерменија се игра утре на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје со почеток од 15:30 часот.