петок, 22. октомври 2021. Вести денес: 201
home Фудбал

Ибрахимовиќ предложил да игра за Јунајтед без пари

Ибрахимовиќ предложил да игра за Јунајтед без пари

Поранешниот играч на Манчестер Јунајтед, Златан Ибрахимовиќ откри дека му предложил на англискиот гигант да игра без надомест по целосната рехабилитација од повредата на коленото. Причината за тоа се крие во незадоволството на самиот напаѓач кон сопственото ниво по претрпената повреда на коленото.

Кон крајот на својата прва сезона кај „црвените ѓаволи“, Ибра настрада во полуфиналниот натпревар од Лига Европа против Андерлехт. Тој мораше да претрпи операција, по која вложи максимални напори и си заслужи нов едногодишен договор.Тој, сепак, така и не се врати на претходните стандарди – 28 гола во својата прва кампања, а во јануари договорот меѓу него и Јунајтед беше прекинат по взаемна согласност.

Ова му овозможи на Швеѓанецот да оствари трансфер во Лос Анџелес Галакси.

– Во мојата ситуација главното не беше да имам договор и да добивам пари, всушност беше токму спротивното. Соопштив пред раководството на клубот дека не сакам да добивам плата, дека можат да ја задржат, прокоментира Златан пред Би-Би-Си.

Напаѓачот додаде дека ментално бил подготвен, но тоа не било случај со неговото колено.

– Кога божем бев подготвен, всушност си повторував дека уште не сум стигнал на претходното ниво. Тие го имаа Златан пред повредата, по неа не бев подготвен повторно да бидам истиот Златан, изјави Ибра во свој стил.

По враќањето тој често знаел да му каже на Жозе Мурињо дека не е подготвен за игра и дека не сака да го разочара.

– Почитта што ја имав кон менаџерот и моите соиграчи не ми дозволуваше да направам друго. Велев да изберат некој друг кој би можел да заврши подобра работа. Станав и го кажав тоа на глас, додаде Ибрахимовиќ.

Локални избори 2021