петок, 7. мај 2021. Вести денес: 0
home Фудбал

И некогашните ѕвезди на Јунајтед против Супер лигата – Бекам и Кантона бараат ставовите на навивачите да бидат земени во предвид

И некогашните ѕвезди на Јунајтед против Супер лигата – Бекам и Кантона бараат ставовите на навивачите да бидат земени во предвид

Поранешните фудбалски ѕвезди на премиерлигашот Манчестер јунајтед, Ерик Кантона и Дејвид Бекам, се произнесоа денеска во врска со најавената Супер лига зад која застана нивниот поранешен клуб, оценувајќи дека новото натпреварување ги игнорирало ставовите на навивачите и може да ги загрози изворните фудбалски вредности.

Бекам, кој играше за три од 12-те клубови потписници на новоформираната Супер лига – Манчестер јунајтед, Реал Мадрид и Милан, напиша на Инстаграм дека „играта што ја сакаме е во опасност“.

-Јас го сакам фудбалот, тоа е мојот живот, откога помнам. Како играч, а сега и како сопственик (на американскиот прволигаш Интер Мајами) знам дека нашиот спорт не вреди ништо без навивачите. Потребен ни е фудбал за сите. Фудбалот треба да биде фер и натпреварување засновано на постигнати резултати. Доколку не ги заштитиме овие вредности, играта што ја сакаме е во опасност, напиша Бекам на социјалните мрежи.

Здружението на навивачи на Манчестер јунајтед (MUST), исто така, се изјасни против Супер лигата.

Поранешниот капитен и клупска икона на Манчестер јунајтед, Ерик Кантона, рече дека ставовите на навивачите мораат да бидат земени в предвид.

-Навивачите се најважни и мораат да се почитуваат. Дали овие големи клубови ги прашаа своите навивачи што мислат за оваа идеја?, Не, и тоа е штета, истакна Кантона во видеоснимка објавена на Инстаграм. (МИА)

Коронавирус