петок, 4. декември 2020. Вести денес: 166
home Фудбал

Големи промени во Јунајтед во текот на летото

Големи промени во Јунајтед во текот на летото

Оле Гунар Солскјер и раководството на Манчестер Јунајтед ќе продолжат со сериозни промени во составот во текот на летото. Клубот го привлече Бруно Фернандеш во јануари, додека Ешли Јанг и Маркос Рохо си заминаа од „Олд Трафорд“.

„Црвените ѓаволи“ се помириле со ситуацијата и решиле да се разделат со Пол Погба, а Реал Мадрид и Јувентус се подготвени за понуда. Французинот сезонава не допринесе скоро со ништо, а во моментов се опоравува од операција. Според „Манчестер Ивнинг Њуз“, Погба им порачал на соиграчите дека сака да замине во текот на летото.

Со доаѓањето на Бруно Фернандеш, се очекува средниот ред да го зголеми нивото, но нема да бидат решени сите проблеми во областа. Ова е местото каде што ќе се бараат повеќе засилувања. Манчестер јунајтед го поставил Џек Грилиш од Астон Вила како цел за трансфер број 1. 24-годишниот играч од средниот ред има многу силна сезона, со 9 голови и 5 асистенции досега и е во срцето на успехот на тимот од Бирмингем за пласман во финалето на Лига купот.

Другиот играч, следен од „црвените ѓаволи“ за средниот ред, е Џејмс Медисон, но се очекува тој да потпише нов договор со Лестер, а неговата цена би била далеку поголема.

Се очекува од „Олд Трафорд“ двајца голмани да си заминат летово. Серхио Ромеро и Ли Грант имаат намера да се разделат со клубот. 32-годишниот Аргентинец е петта сезона резерва на Давид Де Хеа, откако пристигна од Сампдорија во 2015 година. Тој ја искористува секоја можност што ја има и покажува солидни настапи. Ромеро сака да игра почесто. Голманот има договор со Јунајтед до 2021 година, но сака да го напушти ова лето и овој месец ќе има разговори помеѓу него и раководството на клубот. Интерес за него има од шпанскиот Реал Сосиедад и Виљареал.

Договорот на Ли Грант истекува ова лето и тој веројатно нема да биде обновен, иако се очекува да се сретне и со претставниците на „црвените ѓаволи“, кои веќе бараат опција за привлекување нов голман.

Иднината на Немања Матиќ и Џеси Лингард е под знак прашалник. 31-годишниот Србин има договор до летото, но има клаузула според која Јунајтед би можел да го продолжи за уште една година.

Настапот на Лингард е далеку под очекуваното ниво за една година, а тој можеби ќе ја добие својата последна шанса да докаже дека заслужува место за тимот. Неговиот договор со агентот Мино Рајола ги направи работите уште потешки, откако менаџерот го нападна раководството на тимот неколку пати во последните неколку месеци. (МИА)

Коронавирус