среда, 23. јуни 2021. Вести денес: 60
home Фудбал

ФИФА ѝ дава 500.000 долари на ФФМ за да си поделат – плати!

ФИФА ѝ дава 500.000 долари на ФФМ за да си поделат – плати!

Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино објави дека сите земји членки на асоцијацијата ќе добијат по 500.000 долари за оперативни трошоци.

Ова значи дека и Фудбалската федерација на Македонија ќе биде побогата за половина милион долари, кои се наменети за плати на вработените. Овие пари ФИФА требаше да ги исплати во месец јули, но тие ќе „легнат“ порано на сметките на федерациите поради глобалната криза од коронавирусот.

„Фотелјашите“ во нашиот фудбал се сигурни за своите примања, селекторите и сите останати административци во ФФМ не мора да мислат за кризните месеци, па се поставува прашањето што со домашниот клупски фудбал.

Има ли план „Куќата на фудбалот“ да ги помогне клубовите од Првата и Втората лига, кои и без кризата едвај кубуреа со финансиски средства? Сега кога приватниот сектор во државата е работ на егзистенција, тоа следствено носи проблеми и во спортот. Фудбалот секако е една од најскапите „играчки“, па спонзорите или ги стопираат или ги повлекуваат паричните средства.

Претседателот на ФФМ, Мухамед Сејдини најави помош за клубовите ако се формира солидарен фонд преку ФИФА и УЕФА. Впрочем на македонските клубови и онака секоја година им следуваат пари од солидарниот фонд на фудбалските организации, што и не е некој план за помош.

„Фудбалската федерација на Македонија, како и секогаш до сега, кон фудбалската заедница ќе покаже одговорност, единство и солидарност. Ќе ги искористиме сите механизми кои ги имаме на располагање во насока на било каква помош на клубовите и фудбалските работници. Како федерација сме во постојана комуникација со УЕФА и ФИФА и доколку се определи одреден солидарен фонд кои би го користеле федерациите, ФФМ целосно ќе го пренамени кон клубовите“, изјави Сејдини за интернет страницата на ФФМ.

Единствената помош што ФФМ ја додели за време на оваа здравствена криза во државата е што донираше три амбулантни возила за македонското здравство. Сејдини исто така најави дека Федерацијата нема да ги користи мерките за помош од Владата за исплата на плати. Спортот во светски рамки сигурно ќе влезе во голема рецесија, а ние сè уште чекаме да го слушнеме планот за спас на македонскиот фудбал од оние кои наводно треба да се грижат за него.

ЕУРО 2020

Македонија