вторник, 18. февруари 2020. Вести денес: 81
home Фудбал

ФФМ ќе мора да воведе ВАР во Првата лига најдоцна за две години?!

ФФМ ќе мора да воведе ВАР во Првата лига најдоцна за две години?!

Видео-технологијата (ВАР) како дополнителна помош за судиите кој веќе се користи во најелитните фудбалски лиги и европски натпреварувања, ќе мора да се воведе во сите национални првенства под капата на Европската фудбалска унија (УЕФА) до стартот на сезоната 2021/22, најавил раководителот на проектот за Бугарија, Петар Петров.

Според тоа што Петров го најавил, практично и македонската Прва лига би требала задолжително да го воведе ВАР, иако во земјава проблематична е комплетната инфраструктура и стадионите на кои би требало да се имплементира системот за помош на судиите. Од поодамна во земјава веќе имаше иницијативи за воведување на ВАР, но проблем е што поголемиот дел од стадионите немаат ни минимални европски услови за да се направи таков исчекор, па сега останува прашањето што Македонија и ФФМ ќе направат во следните две години за да ги следат препораките на УЕФА, кои ги претстави Петров.

„Од сезоната 2021/22 сите првенства под капата на УЕФА ќе треба да го имплементираат овој систем. Веќе од следната сезона ВАР влегува во Лига Европа во групната фаза“, вели Петров.

Најголемиот наш стадион Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје веќе ќе добие ВАР-систем, зашто плејоф мечот од Лигата на нации (полуфиналето со Косово), како и следните мундијалски квалификации за СП 2022 ќе се играат со ВАР, откако УЕФА неодамна донесе таква одлука. Сооглед дека ВАР ќе има на Арената, евентуалните настапи на македонските клубови во европските натпреварувања, нема да бидат проблематични околу овој систем, ако успеат да се квалификуваат, но проблем е како би се инсталирал систем на стадиони каде нема услови за такво нешто, а тоа подразбира сериозни инвестиции прво градежни, а потоа и воведување на целиот тој систем на камери кои ќе го фаќаат секој агол за евентуално секој спорен момент.

Инаку изјавите на Петров доаѓаат откако во Бугарија се разви сериозна дебата дали воопшто е потребно да се воведе ВАР, па има многу „за“ и „против“ овој систем, но неговото објаснување е дека има наредба од Нион за воведување на такво нешто. Хрватска веќе го мина тес-периодот и ќе воведе ВАР, а од следната сезона се очекува тоа да го стори и Србија. За да се воведе ВАР потребен е период за тест на системот, но и специјална обука на судиите кои ќе бидат во контролната соба и ќе треба да алармираат за секој спорен момент.