Денеска италијанскиот весник „Тутоспорт“ ја објави финалната листа на 20 фудбалери номинирани за наградата „Златно момче“ за најдобар играч до 21 година.
Нашиот фудбалски бисер Елиф Елмас беше помеѓу 30-те номинирани, но за жал не се најде помеѓу финалистите оваа година. Минатата година оваа награда ја доби Матијс де Лихт, а дефанзивецот повторно е номиниран и оваа година.
Меѓу 20-те финалисте се најдоа и Џанлуиџи Донарума, Моис Кин и Николо Заниоло, кои се тројцата Италијанци на оваа листа. Најголем фаворит за наградата е Жоао Феликс од Атлетико Мадрид, но тука се и Ансу Фати од Барселона, Алфонсо Дејвис (Баерн), Фил Фоен (Манчестер сити), Матео Гендузи (Арсенал), Ерлинг Халанд (Салцбург), Каи Хаверц (Леверкузен), Дејан Јовељиќ (Ајнтрахт), Канг – ин Ли (Валенсија), Андриј Олексијович (Ваљадолид), Даниел Мален (ПСВ), Мејсон Маунт (Челси), Родриго (Реал Мадрид), Винисуис Жуниор (Реал Мадрид), Феран Торес (Валенсија) и Џејдон Санчо (Б. Дортмунд).
Овој избор за најдобар млад фудбалер се организира од 2003 година, а прв добитник е Рафаел ван дер Варт. Освен организаторот „Тутоспорт“ во гласањето учествуваат и други престижни спортски медиуми како „Франс фудбал“, „Кикер“, „Мундо Депортиво“, „Де Телеграф“, „Тајмс“, „Марка“ и други.