недела, 25. јули 2021. Вести денес: 0
home Фудбал

Дојде денот кога македонската химна ќе грми ЕУРО во фудбал

Дојде денот кога македонската химна ќе грми ЕУРО во фудбал

Денес е 13-ти јуни, ден кој засекогаш ќе биде врежан во македонската фудбалска и спортска историја. Ден кој за многумина веројатно заслужува да биде и национален празник. Денес е денот кога Македонија дебитира на Европското фудбалско првенство. Ова е денот кој се чекаше од 8 септември 1991 година, цели три децении. Ден за кој мечтаеме од 13 октомври 1993 и првиот натпревар на самостојна Македонија во Крањ, а во 1994 со влегувањето во ФИФА и УЕФА и првите квалификации за ЕП почнавме да ги градиме темелите на она што 27 години подоцна ќе предизвика национална еуфорија. Македонија е на Европско првенство. Македонија денес ќе дебитира на големите фудбалски натпреварувања!

Денеска неколку минути пред 18 часот на Националната арена во Букурешт ќе грмне македонската химна, а фудбалскиот свет ќе се запознае многу подобро со митот наречен Горан Пандев и неговата дружина во ликот и делото на Аријан Адеми, Елиф Елмас, Бобан Николов, Стефан Ристовски, Дарко Велковски, Висар Муслиу, Џани Алиоски, Енис Барди, Столе Димитриевски и сите останати кои се дел од четата на војсководецот Игор Мрме Ангеловски.

Она што беше сон и цел кога за прв пат македонската репрезентација истрча на теренот во 1993 година во Крањ против Словенија, денес ќе биде остварено. Македонија дочека една нова, полетна и победничка генерација која нема да се задоволи само со учество на ЕП. Нашите спортски и фудбалски херои без дилеми ќе дадат се од себе, а ако го слушаме младиот „дијамант“ Елиф Елмас, тогаш ќе имаме и причини за големи радости, бидејќи според него Македонија ќе ги победи сите натпревари во групата.

Но, да одиме со ред, бидејќи многупати Македонија фудбалски патела, многупати судбината си поигрувала. Ги паметиме и оние историски 2:2 против Англија, но и оној дебакл против Андора. Но, впечаток е дека со оваа генерација тоа нема да се случи, овие херои и победници го направија најважното досега и го постигнаа најголемиот резултат во македонската фудбалска независност – ја вратија довербата на навивачите и ја натера јавноста да создаде култ околу репрезентацијата.

Нам ни останува да се надеваме на најдоброто, да стискаме палци, да се нервираме и да потскокнуваме крај малите екрани, да им испратиме позитивни мисли и енергија и да посакаме да не претстават во најдобро светло, да бидат свои и да ја играат својата игра, да одат на победа против секого како што стана пракса со Мрме на чело. Само храбро против Австрија, па што биде… Целта е веќе постигната, Македонија денес ќе дише како едно, Македонија денес дебитира на Европско првенство!

Коронавирус