четврток, 21. јануари 2021. Вести денес: 1
home Фудбал

Ангеловски за грчкиот портал „Газета“: Станавме тим во вистинска смисла на зборот

Ангеловски за грчкиот портал „Газета“: Станавме тим во вистинска смисла на зборот

Се промени менталитетот на тимот. Стигнавме до точка да губиме од Андора, бевме на многу ниско ниво, но ова се промени. Важна улога одигра враќањето на Горан Пандев, вели селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски

во интервјуто за грчкиот спортски портал „Газета“, говорејќи за тајната на успехот и пласманот на нашата земја на Европското првенство, јави дописничката на МИА од Атина.

Додава дека беше создадена комбинација од млади и искусни играчи, „но потребен беше водач, нешто што го најдовме во лицето на Пандев, па така, тимот започна да се менува постепено“.

– Станавме тим во вистинска смисла на зборот, немаше проблеми меѓу нас. Обединети сме. Среќен сум што овој историски успех доаѓа на 30-годишнината од независноста на земјата, објаснува селекторот.

На прашањето дали македонската репрезентација може да биде тимот- изненадување на Европското првенство, Ангеловски коментира „зошто да не?“ и истакнува дека се потребни добри подготовки.

-Противници ни се Австрија, Украина и Холандија. Секако нема да биде лесно, но не се плашиме. На добро ниво сме и можеме да донесеме добри резултати, вели селекторот на нашата репрезентација.

Новинарот од „Газета“, на почетокот од интервјуто со селекторот, коментира дека „архитектот на успехот“, Игор Ангеловски, потпирајќи се на нова генерација важни играчи како што се Ристовски, Алиоски, Елмас, Адеми, Трајковски и Барди, „создаде борбен тим, кој Северна Македонија од дното во 2004 година кога губеше од Андора, ја однесе на Европското првенство“ и додава дека во исто време, репрезентацијата е седум натпревари непоразена.

За истиот портал, ден претходно, за победата над Грузија и обезбедениот билет за Европското првенство следната година, говореше и Иван Тричковски, кој рече дека пласманот бил „како приказна со убав крај“.

– Онака како што работевме во последните пет години, го заслуживме овој успех. Не беше лесно, бидејќи никогаш во нашата историја воопшто не ни бевме стигнати до точка да се надеваме на пласман. Никој не го очекуваше тоа, беше како приказна со убав крај. Секој натпревар го гледавме одвоено и одевме чекор по чекор. Чувствувавме голем притисок пред натпреварот со Грузија, но требаше да ја смениме историјата на репрезентацијата и сме горди на тоа, вели Тричковски и додава дека за него лично, ова е огромно искуство.

Победата над Грузија во четвртокот и пласманот на Европското првенство на македонската фудбалска репрезентација не поминаа незабележани ниту од грчките медиуми, кои коментираа дека станува збор за „историска победа“ и „испишана историја“.

Коронавирус