четврток, 5. август 2021. Вести денес: 151
Вонредна вест

ЦРНА СТАТИСТИКА ВО МАКЕДОНИЈА: Од коронавирус починаа 4 лица, 219 новозаразени

home ТВ и Филм

„Зоки Поки“ ја освои цела Скандинавија, но сепак без втора сезона

„Зоки Поки“ ја освои цела Скандинавија, но сепак без втора сезона

ТВ-серијата „Зоки Поки“ ќе се гледа низ цела Скандинавија. Откако беше најавено дека серијата ќе се емитува на националните телевизии „SVT“ во Шведска и „NRK“ во Норвешка, пристигнува веста и за емитувањето на националните телевизии „DR“ во Данска и „YLE“ во Финска.

Емитувањето на овие четири национални телевизии значи потенцијал за огромна гледаност на „Зоки Поки“. За македонската кинематографија, пак, ова е успех од историско значење. „Зоки Поки“ е единствената македонска серија и воопшто програма од овие простори што се емитувала на јавните сервиси во овие четири земји.

Заслугата за меѓународното емитување е на дистрибутерот „Videoplugger“ од Лондон, кои силно веруваат во светскиот потенцијал на серијата, нејзината моќ да го збогати детскиот свет и да ја развие детската имагинација, особено во време кога нивните активности се значително намалени.

-Кога Роберт Насков ни ја покажа оваа убава серија, веднаш знаевме дека треба да ја споделиме со светот. Квалитетот на фотографијата, глумата и приказните ѝ даваат филмски квалитет на серијата, што е реткост во детските програми снимани за телевизија. ʻЗоки Покиʼ ќе продолжи да ги поминува меѓународните граници“, вели Емануеле Галони (Emanuele Galloni), извршен директор на „Videoplugger“.

И покрај големиот интернационален успех на серијата, втората сезона на „Зоки Поки“ е во неизвесност.

-Многу се радувам што серијата ʻЗоки Покиʼ ќе се прикажува и на националните телевизии во Финска и Данска и со тоа го комплетира прикажувањето во цела Скандинавија. Ова е доказ дека во Македонија може да се продуцираат квалитетни дела кои ќе ги задоволат највисоките стандарди и критериуми за продукција на детска програма и дека македонските брендови се вреднувани и надвор од Македонија. За жал овој голем интернационален успех не наидува на поддршка од институциите во Македонија кои имаат обврска да финансираат детска и образовна програма, па затоа серијата ʻЗоки Покиʼ нема да има продолжение. Ова е голема штета за нашите деца кои се соживеаја со серијата и кои сакаат и понатаму да уживаат во авантурите на Зоки Поки и неговата дружина, вели Роберт Насков, продуцент на серијата.

Модерната екранизација на популарната детска книга на писателката Оливера Николова, е во продукција на Кино Око, во копродукција со Македонската радио телевизија и со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија.

Главните улоги во серијата ги толкуваат Матеј Настевски (Зоки), Анастасија Аневска (Лидија), Матео Матоски (Боки) и Матеј Зимбаков (Гоки). Покрај детската екипа, во серијата играат и Сашко Коцев и Даниела Иваноска, кои ги глумат родителите на Зоки и Сабина Ајрула-Тозија, во улогата на неговата баба.

Режисери на серијата се Александар Поповски, Марија Апчевска, а режисери на епизодите Марија Апчевска, Александар Поповски, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Сценаријата за серијата се на Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска.

Коронавирус