петок, 22. ноември 2019. Вести денес: 19
home ТВ и Филм

Светска премиера на „Врба“ на Манчевски на фестивалот во Рим

Светска премиера на „Врба“ на Манчевски на фестивалот во Рим

Филмот „Врба“ на режисерот Милчо Манчевски – денеска ќе има светска премиера на третата вечер од 14. Филмски фестивал во Рим, со што ќе биде првиот македонски филм што ќе учествува во неговата официјална селекција, избран од уметничкиот директор Антонио Монда.

„Врба“ е шестиот игран филм на Манчевски снимен во македонско-унгарско-белгиска копродукција во која учествува и Албанија. Се снимаше лани два месеца (октомври и ноември) во Мариово, Преспа, Трескавец и во Скопје.

– „Врба“ е филм за лојалност, љубов, доверба и мајчинство, кој спојува приказни за три млади мајки – едната се случува во 17 век, а другите две се современи. Приказните се надополнуваат, а во исто време се и контраст една на друга. Љубовни приказни во кои главната тема е лојалност, меѓутоа и односот на општеството кон поединецот и на поединецот кон општеството. Имаме среќен крај овојпат, рече режисерот Манчевски пред две недели на прес-конференција по повод светската премиера.

Во селекција на Римскиот фестивал годинава се влезени филмови од 25 земји. Беше отворен завчера со најновиот филм на актерот и режисер Едвард Нортон со неговиот „Бруклин без мајка“, во кој играат Брус Вилис, Алек Болдвин и Вилем Дефо.

На фестивалот годинава – ќе биде прикажан и новиот филм на Мартин Скорсезе, „Ирецот“, во кој играат Ал Пачино, Роберт Де Ниро, Џо Пеши и Харви Кајтел, филмот „Џуди“ со Рене Зелвегер во режија на Руперт Голд, „Даутаун Еби“ со Џим Картер и Елизабет Мекговерн, филмот за Павароти во режија на Рон Хауард, „Хаслерс“ со Џенифер Лопез…

На црвениот килим покрај нив ќе поминат и актерите Сара Климоска, Наталија Теодосиева и Камка Тоциновски.

Покрај Климоска, Теодосиева и Тоциновски кои ќе присуствуваат во Рим на светската премиера, во актерската екипа на „Врба“ се и: Петар Мирчевски, Ненад Нацев, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ и Никола Ристески. Директор на фотографија е Унгарецот Тамаш Добош, дизајнер на продукција е долгогодишниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс.

Филмот денеска ќе има утринска проекција за новинарите, по што ќе следува прес-конференција со режисерот Манчевски и актерките Сара Климоска, Наталија Теодосиева и Камка Тоциновски, а вечерта е гала-премиерата на која ќе присуствува и министерот за култура Хусни Исмаили.