среда, 20. ноември 2019. Вести денес: 181
home ТВ и Филм

Џејмс Дин повторно во филм, шест децении по смртта

Џејмс Дин повторно во филм, шест децении по смртта

По повеќе од 60 години по својата смрт, Џејмс Дин ќе се појави во филм со помош на специјални ефекти што „ќе го оживеат“ ликот на овој американски актер, потврди продукциската куќа „Меџик сити филмс”.

Во долгометражниот филм „Finding Jack“ чие снимање почнува наскоро, Џејмс Дин ќе ја има улогата на Роган.

Во изработката на специјалните ефекти ќе учествуваат канадското студио „Имаџин енџин” и јужноафриканското „МОИ Ворлд вајд“. Притоа ќе се користи технологијата „фул боди” која создава слика во движење на човек, врз основа на негови фотографии и видео снимки.

„Меџик сити филмс” ги има правата за користење на ликот на Џејмс Дин, кои ги откупи од неговото семејство.

– Неговите најблиски ова го доживуваат како негов четврти филм, што тој никогаш не успеа да го сними… Нема да ги разочараме ниту нив, ниту неговите обожаватели, изјави Антон Ернст, претставник на продукциската компанија и помошник режисер на Тати Голик.

Џејмс Дин загина на 30 септември 1955 во сообраќајна несреќа, на 24-годишна возраст, кога со своето Порше удри во друг автомобил во Калифорнија.

Се појави во три филма – „Бунтовник без причина”, „Источно од рајот” и „Џин”, а за последниве два беше номиниран за Оскар. Глумеше и во повеќе ТВ-серии.