недела, 9. мај 2021. Вести денес: 132
home ТВ и Филм

Бетмен има коронавирус

Бетмен има коронавирус

Снимањето на новиот филм за Бетмен е повторно запрено, само неколку дена откако екипата се врати на сет по забраната за снимање поради корона-кризата.

Овојпат причината е многу посериозна и директно поврзана со екипата – актерот Роберт Патинсон кој го глуми мрачниот суперхерој во „The Batman“, е позитивен на COVID-19.

Од студиото Warner Bros. Pictures потврдија дека снимањето е прекинато бидејќи „некој од тимот е во самоизолација“, но нема официјална потврда од Патинсон дека е заразен со коронавирусот.

„Член на филмската екипа на ‘The Batman’ е позитивен на COVID-19 и е во самоизолација согласно протоколите. Снимањето е привремено прекинато“, соопшти портпаролката на студиото.

Според угледниот Vanity Fair, британскиот актер се заразил со вирусот неколку дена пред да продолжи снимањето во близина на Лондон, по шестмесечната пауза.

„The Batman“ првично требаше да има премиера во јуни, 2021, но беше одложена за октомври, 2021 поради корона-кризата.

Пред две недели Warner Bros. Pictures и режисерот Мет Ривс конечно го објавија долгоочекуваниот трејлер за „The Batman“.

Дејството е сместено во периодот на раните денови на Брус Вејн како Бетмен и се фокусира на корупцијата во Готам.

Ривс претходно ги предупреди фановите да не очекуваат класичен филм за мрачниот суперхерој со јасно формирани херои и негативци, потсети The Verge.

Патинсон (34) беше неочекуван избор за улогата и многу фанови реагираа со неверување и разочараност. Од она што можеме да видиме во трејлерот, има сцени во кои Патинсон сериозно потсетува на Хит Леџер како Џокерот во The Dark Knight од 2008 година на Кристофер Нолан, што додава голема доза на интрига во очекување на филмот.

Коронавирус