среда, 13. ноември 2019. Вести денес: 0
home Познати

ФОТО: Девојчето од „Бушава азбука“ денеска е една од најпознатите македонски новинарки

ФОТО: Девојчето од „Бушава азбука“ денеска е една од најпознатите македонски новинарки

Уште од мали нозе имаше привилегија да соработува со професионалци и првите ѕвездени моменти ги имаше токму како дете.

Новинарката Билјана Василева Трендафилова, главен и одговорен уредник на „ТВ Нова“, на екраните е присутна уште од најмала возраст. Како член на детското драмско студио на МРТВ под раководство на Софија Гогова Врчкаковска имаше можност да глуми во култната македонска серија „Бушава азбука“. Забележителни улоги доби и во проектите „Шарам барам“, „Чук чук Стојанче“ и „Втората смена“. Уште тогаш научила дека појавувањето пред камерите не трпи импровизација. Вели дека се работело по сите професионални телевизиски стандарди и затоа во етерот се испорачувале висококвалитетни производи.

– Едноставно немаше простор за импровизација. Се разбира имаше многу забава и игра, но без разлика што бевме деца ние имавме сериозни задачи и од нас се бараше да работиме посветено. Лекциите кои што ги научив таму, се најважните лекции по кои се водам и денес. Таму ја поставив мојата основа како ТВ-лице и се разбира таму се роди љубовта кон новинарската професија. Мислам дека единствената разлика оттогаш и денес се само темите поради кои се појавував на екранот. Ако како дете тоа беше азбуката или некои детски досетки, денес се економските анализи и политиката. Можеби има мала разлика во однос на магијата со која што ја доживував телевизијата како дете, кога ги гледав сите тие луѓе кои работеа на емисиите, давајќи ми чувство дека сум дел од нешто големо и прекрасно. Со годините, магијата сè повеќе се претвораше во професионални обврски. Таа и денес е тука и не е целосно исчезната, но, сè изгледа помагично кога го гледаш со детски очи–раскажува Трендафилова за Женски магазин.

– Се разбира дека кога бев мала знаев да се израдувам во моментите кога ќе ме препознаеа на улица со зборовите „Еве го девојчето од Бушавата азбука“, детето од „Шарам Барам“, но главниот мотив отсекогаш ми бил самиот процес на создавање на една емисија или подоцна на креирање на една новинарска сторија. Во тој дел многу поважно ми е кога некој мој гледач ќе ме застане и ќе ме препознае по некоја тема која што сум ја отворила и добијам пофални зборови за начинот на кој истата сум ја сработила, отколку само голото препознавање на улица дека сум ТВ-лице – објаснува таа.