понеделник, 23. ноември 2020. Вести денес: 96
home Музика

„Taftalidze Shuffle“ – нов албум на Влатко Стефановски во издание на „Croatia Records“

„Taftalidze Shuffle“ – нов албум на Влатко Стефановски во издание на „Croatia Records“

Новиот албум на гитаристот Влатко Стефановски „Taftalidze Shuffle“, со кој ја продолжува соработката со дискографска куќа „Croatia Records“, ќе биде објавен утре, 20 -ти ноември. На новиот албум Влатко Стефановски е придружуван од подмладеното Трио. Во нова ритам секција членуваат басистот Иван Кукиќ, како и неговиот син Јан Стефановски на тапани.

Како што соопшти „Croatia Records Македонија“, и овој албум, како и сите соло-проекти на Стефановски, Влатко му го има посветено на својот град, нашето единствено Скопје, населбата Тафталиџе, која е неговото маало… Затоа песните се интимни и лични, а повторно толку блиски секому, заради сензибилитетот кој го носи музиката на Влатко Стефановски.

Албумот „Taftalidze Shuffle“ е создаван во периодот од јануари до октомври 2020-та, а текстовите се пишувани од април до јуни оваа година.

– Наместо да гледам ТВ и да паѓам во депресија, се одлучив да правам музика. И многу сум задоволен од резултатот, изјави Влатко Стефановски, зборувајќи за својот креативен процес.

Албумот е сниман во домашното студио на Влатко – „Езотерија“, додека миксот и мастерингот се работени во студиото „Тра ла ла“ на Мите Димовски. На албумот има и многубројни гости. Најбројни се клавијатуристите: Дамир Имери, Кирил Џајковски, Диран Тавитјан, Тихомир Поп Асановиќ, Матија Дедиќ и Васил Хаџиманов. Придружните вокали се на Андријана Јаневска, додека познатиот кавалџија Теодосиј Спасов во една песна свири труба. Меѓу гостите на албумот е и актерот Никола Ристановски, кој во песната „Дијаспора“ има мал речитатив. Дизајнот на обвивката е дело на уметникот Ладислав Цветовски.

„Taftalidze Shuffle“ претставува извонредна колекција на вокални и инструментални теми на Влатко, низ кои бојата на неговата гитара е нешто што вечно останува во меморија на слушателот. Албумот содржи девет теми: Taftalidze Shuffle, Funky junkie, Игранка, Гаража, Global Warming – local freezing, Огледало, Немам песна за тебе, Раскрсница, Дијаспора.

Освен на компакт-диск, „Taftalidze Shuffle“ на Влатко Стефановски кон крајот на декември „Croatia Records“ ќе го објави и на винил.

Коронавирус