вторник, 21. септември 2021. Вести денес: 143
home Музика

По две години, Тамара сепак ќе го одржи концертот во Охрид кој го откажа поради настанот со химната!

По две години, Тамара сепак ќе го одржи концертот во Охрид кој го откажа поради настанот со химната!

По две години откако го откажа концертот во Антички театар Охрид, поради притисок на јавноста за грешно интонираната химна, поп пејачката Тамара Тодевска, најави дека сепак, годинава ќе застане на охридската сцена.

Нејзиниот солистички концерт во Антички театар е закажан за 29-ти јули, со почеток од 22 часот, а пак на први август ќе одржи солистички концерт и во Антички театар Хераклеа во Битола.
Влезниците за концертите се пуштени во продажба, и за настанот во Охрид се продаваат по цена од 500 до 700 денари, додека пак за настанот во Битола изнесуваат 500 денари.

-Под отворено небо со поп дивата Тамара Тодевска, два спектакуларни концерти кои ќе го обележат летово.

По големиот успех на Евровизија и година и пол без нејзините најдобри забави, конечно ќе ги пееме во живо „Proud”, „Тажна љубов, среќна песна”, „1003”, во Охрид и Хераклеја.

Ковид безбедни, за најпознатите рефрени расположени, ве чекаме-пишува во најавата за настаните, за кои не е наведено кој е организатор, односно дали ќе се одржат под закрила на некоја продукција.
Како потсетување, големиот концерт на Тамара во Антички театар Охрид, кој беше закажан за 27-ми јули 2019 година, како и настапот на Пивофест во Прилеп истата година, пејачката ги откажа со појаснување дека тоа го прави за да се смири целата немила ситуација која произлезе по, како што тврдеше, ненамерната грешка при изведбата на државната химна на прием во Американската амбасада во Скопје.

Тогаш, во интервју за ,,Фокус” изјави дека жали за ненамерната грешка, но Македонија е нејзината татковина и земја во која растат нејзините деца.

-Се во животот е лекција, а јас ја научив мојата- раскажа помеѓу другото.

Делумно поради случката, а делумно и поради состојбата со корона вирусот, Тодевска изминатиот период не беше актуелна со концерти и настапи во живо, но затоа пак пред неколку дена ја промовираше новата песна ,,Порок” и полека, но сигурно им се враќа на настапите, оставајќи ги негативните искуства зад себе.

Покрај солистичките концерти, Тамара треба да одржи и концерт со Емин Џијан и Филхармонија, со изведба на македонски евергрини. Станува збор за проект на Визворкс, настан кој е опишан како Македонски евергрини – обележја на македонската безвременост -Македонската култура и традиција претставени преку идентитетските специфики на македонскиот народ и преку промоција на македонскиот јазик претставени преку музички концерт на Тамара Тодевска со Емин Џијан и филхармонија -во изведба на македонски евергрини. За тој настан Владата информираше дека одобрила 3.198.000 денари, односно околу 52.000 евра.

Овие средства се одобрени преку јавниот повик за финансиска поддршка за индустријата за организација на настани на теми со кои одбележува 30 години независност на Македонија. Кога и каде ќе се одржи овој концерт, се уште нема детали.

Коронавирус