четврток, 24. септември 2020. Вести денес: 38
home Музика

Концерт на Филхармонија со израелската виолончелистка Даниеле Акта

Концерт на Филхармонија со израелската виолончелистка Даниеле Акта

Филхармонија в четврток ќе одржи симфониски концерт на кој ќе прозвучи Симфонија број 3 од Феликс Менделсон и Концертот за виолончело и оркестар од Роберт Шуман. Диригент е маестро Јерухам Шаровски, а како солистка ќе настапи и израелска виолончелистка Даниеле Акта.

Концертот за виолончело во а-мол, оп. 129 од Роберт Шуман бил напишан за неверојатни две недели, меѓу 10 и 24 октомври 1850 година, кратко откако композиторот станал музички директор во Дизелдорф.Концертот никогаш не бил отсвирен за време на неговиот живот. Премиерно бил изведен на 23 април 1860 година, четири години по неговата смрт, во Олденбург, со Лудвиг Еберт како солист. Со години овој концерт бил заборавено ремек-дело. Делото е прилично комплексно и бара голема техничка подготвеност од солистот, иако во него доминира поетската експресија наспроти виртуозноста.

Музиката на Менделсон ретко провоцира, таа главно ги следи и надградува принципите создадени во претходните музички епохи, го интегрира и реоткрива на индивидуален начин музичкото наследство создадено од претходниците. Неговиот музички стил е оригинален, но не и радикален. Опусот му е совршен микс на класичната пропорционалност со романична жестокост. Таква е неговата трета симфонија наречена „Шкотска“, што ја напишал инспириран од патувањето во оваа земја во 1829 година, наведуваат од Филхармонија.

Маестро Шаровски за време на својата кариера, диригирал со над 50 оркестри во повеќе од 20 различни земји, вклучувајќи ги и серијата концерти со маестро Лорин Мазел, диригирајќи со Минхенската филхармонија во Германија и со Симфонискиот оркестар на Ерусалим заедно со Баварскиот радиооркестар на концерти посветени на градот Ерусалим. Маестро Мазел го предложил маестро Шаровски да биде и дел од жирито на Мазел интернационалниот натпревар за диригенти (2002). Неговиот репертоар е широк и во однос на оперските изведби, а во последните години тој изгради навистина успешна кариера на полето на едукацијата, одржувајќи мастер-часови на значајни универзитети во светот.

Израелската виолончелистка Даниеле Акта, родена во 2002 година, досега настапувала со Камерниот оркестар „Московски виртуози и Владимир Спиваков“, Израелската филхармонија, Националната филхармонија на Русија, Филхармонијата на Кејптаун, со Вадим Репин и Филхармонијата на Новосибирск и многу други светски оркестри. Даниеле Акта како солистка настапувала и на најпрестижните светски сцени – „Карнеги хол“, концертната сала „Чајковски“, „Барбикан“, Линколн центар и др.

Виолончелистка Акта беше рангирана меѓу десетте најдобри изведувачи во 2016 година од „Дајли газета“. Како добитиничка на стипендијата на Американско-израелската фондација за култура, таа настапи на гала-настанот по повод 75-годишнината на фондацијата на која домаќин беше Исак Перлман во Линколн центар во Њујорк. Акта е лауреатка на натпреварот „Флејм“ (Париз, 2014), на интернационалниот натпревар во Атина (2014, 2015) и на Израелскиот натпревар за виолончелисти (2013). Таа е студентка на проф. Франс Хелмерсон на Музичката академија во Берлин од 1915 година.

Коронавирус