среда, 2. декември 2020. Вести денес: 0
home Музика

Кабаре-концерт „Јаболки и круши за уметнички души“, Мијата понуди музика за сите сетила

Кабаре-концерт „Јаболки и круши за уметнички души“, Мијата понуди музика за сите сетила

„Јаболки и круши за уметнички души“, акустичниот кабаре концерт на Мијата ни покажа и докажа дека Скопје умее да препознае уметност.

Беше вистинско уживање за публиката да се слуша 90 минути авторска музика, зашто сите дела, вклучувајќи ги и рецитациите, се дело токму на Мијата.

Камерната сала на Македонската филхармонија создаде идеална акустика за песните, повеќето познати на публиката како „Домаќинска“, „Верувам во себе“, но и не толку експонираните како „Телово гори“, француската „Pardonnez- moi“ кои беа дел од саундтракот на „Јаболки и круши“.

А тука беше и руската „Уралскаја Рабинушка“, каде што Мијата на маестрален начинсо својот вокал, целосно ѝ се предаде на публиката.

„Нема да помине“, песната на Мијата посветена за нејзиниот починат татко, беше моментот кој донесе најмногу солзи во публиката, а хитот „Верувам во себе“, по кој најмногу ја препознаваат, Мијата го испеа заедно со сите во салата.

„Срцето ми е полно. Ова беше мој прв настап пред скопската публика со ваков, акустичен концепт на перформансот. Чувството, енергијата присутна на сцена, интеракцијата со публиката, беше навистина тоа што го посакував. Успеавме да создадеме музика која ги галеше нашите души“, вели Мијата.

Овој т.н. кабаре концерт собра на едно место прекрасни музичари и уметници –

Зоран Костадиновски на акустична гитара, Кирил Туфекчиевски на својот контрабас, за перкусиите и сите „специфични тонови“ беше задолжен Ратко Даутовски, а пред пијаното беше Ајхан Куртов.

Придружните вокали ги испеа Ангела Здравковска, рецитациите беа лесен залак за Јелена Мијатовиќ, а тие двајца на сцена, Мијата и Мето Јанакиевски, ни покажаа дека може со пантомима и музика да се раскаже една приказна, едно поинакво видување на љубовта.

Публиката на овој неверојатно емотивен концерт воздивнуваше, се радуваше, се смееше и пееше, уживајќи во несекојдневниот и различен концепт што ѝ беше понуден.

Мијата беше вистински уметник на сцена. Таа играше, пееше и глумеше и се покажа во издание во кое ретко кој ја знае. Секој си замина дома со полно срце музика, со разгалени сетила и со искрена желба ваквите концерти почесто да се случуваат.

Коронавирус