петок, 14. јануари 2022. Вести денес: 25
home Музика

Бебето од „Nevermind“ повторно ја тужи „Нирвана“

Бебето од „Nevermind“ повторно ја тужи „Нирвана“

Човекот кој беше фотографиран гол како бебе за омотот на албумот „Nevermind“ на „Нирвана“, поднесе нова тужба, обвинувајќи го рок-бендот за сексуална експлоатација. Неговиот претходен случај беше отфрлен од Судот во Калифорнија.

Инаку, 30-годишниот Спенсер Елден првпат поднесе тужба во август 2021 година, барајќи отштета од 150.000 долари од секој од 15-те обвинети – поранешните членови на бендот, Дејв Грол и Кристо Новоселиќ, како и наследниците на починатиот пејач Курт Кобејн и фотографот Кирк Ведл. Во оригиналниот судски поднесок, неговиот правен тим тврдеше дека ниту Елден, ниту неговите законски старатели „не потпишале овластување на употребата на какви било слики од Спенсер, а секако не и за комерцијалната детска порнографија во којашто тој е прикажан“. Според американскиот федерален закон, жртвите на сексуална злоупотреба на деца можат да тужат секого којшто ги произведува, дистрибуира или поседува материјалите.

На 3 јануари, Судот ја отфрли тужбата на Елден бидејќи неговиот правен тим не одговорил навреме на крајниот рок за еден од поднесоците. Елден доби 10 дена да поднесе нов случај, коешто тој го направи во средата.

Во 1991 година, кога имал четири месеци, Елден бил фотографиран гол во базен како посегнува по банкнота на јадица за риби – слика која стана еден од најпознатите омоти на албуми на сите времиња.

Албумот е продаден во 30 милиони примероци, а песните како „Smells Like Teen Spirit“ станаа културен камен-темелник на американската рок-музика.

Во декемврискиот поднесок, одбраната на „Нирвана“ тврдеше дека статусот на застареност истекол пред повеќе од едно десетлетие и дека тврдењето на Елден оти тоа е детска порнографија „е несериозно“. (МИА)

Коронавирус