сабота, 18. септември 2021. Вести денес: 37
home Музика

АББА се враќаат, најавија изненадување за 2 септември

АББА се враќаат, најавија изненадување за 2 септември

Поп групата АББА најави големо враќање по 39 години, а за 2 септември и први важни новости за вљубениците во хитовите “Mamma mia”, “Dancing queen” “Fernando”, “The Winner takes it all”.

Шведскиот бенд отвори нова веб страница „ABBA Voyage“ барајќи од обожавателите да го искажат својот интерес за новиот проект со напомена дека ќе добијат известување за се што следува.

Се очекува тоа да биде долга „холограмска турнеја“ која АББА првично ја најави во 2016 година.

Бендот снимил пет нови песни чие објавување е одложено поради коронавирус пандемијата, но блиски луѓе до нив добиле ветување дека тоа ќе биде направено за време на 2021 година.

-Веќе не станува збор дали тоа ќе се случи, ќе се случи, изјавил претходно членот на групата Бјорн Улвеус додавајќи дека меѓу нив се уште постои силна врска поради која ќе звучат како „АББА која сите ја сакаа и познаваа“.

Од новите пет песни, потврдени се две “I Still Have Faith In You” и “Don’t Shut Me Down”.

-Една од нив е поп мелодија со која лесно се игра, додека другата е вонвременска повеќе за размислување, изјави Бјорн во 2018 година.

Од 1983 година и распадот на групата, обожавателите ширум светот сонуваат за повторно собирање, нови песни и концерти. За нивната популарност, но и за желбата на обожавателите говори и фактот дека пред 45 години во Велика Британија 3,5 милиони луѓе се пријавија за влезници за нивниот концерт, а достапни беа нешто повеќе од 11.000 билети.

Популарниот бенд, како што вели Улвеус нема желба да оди на настапи, бидејќи сите веќе се во осмата деценија од животот.

Последниот албум групата го објави во 1981 година. Глобално познати станаа по победата на Евровизија во 1974 година со песната „Waterloo“.

АББА е една од најуспешните групи на сите времиња и прва група вон англиското говорно подрачје која ги покори Велика Британија, Ирска, Канада, Австралија, Нов Зеланд, Јужна Африка и САД.

Составот сочинет од два брачни пара Агнета Фалцког и Бјорн Улвеус и Ани-Фрид Лингштад и Бени Андерсон името го доби по нивните иницијали.

Коронавирус