петок, 15. октомври 2021. Вести денес: 155
Во живо

Митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Лозово

home Скопје

Зафировски: Создаваме нова иднина, во Карпош мора да има нула толеранција за урбаната мафија и конечно ќе се стави крај на малверзациите со градежни парцели

Зафировски: Создаваме нова иднина, во Карпош мора да има нула толеранција за урбаната мафија и конечно ќе се стави крај на малверзациите со градежни парцели

Кандидатот за градоначалник на општина Карпош од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Оливер Зафировски преку интервју вели дека мора да се создаде нова иднина во Карпош.

На кој начин и како се вклучивте во политиката? Што ве „натера“ да се впуштите во така комплексна професија која скоро и да нема допирни точки со медицината?

Веројатно самата наша професија си го прави своето. Да, на прв поглед медицината и политиката немаат “допирни точки“, но сите ние сме политички суштеста, а Македонија е крајно политизирана држава народски кажано. Политиката извира од секоја пора на општеството.

Последните 20-тина години постои позитивен тренд на пратеничките листикако и кај кандидатите за градоначалници да има многу доктори, поради тоа што даваме позитивен пример во општеството. Тој тренд очекувам да се зголеми во иднина токму поради Корона кризата. Луѓето знаат дека здравствените работници се во првата линија на одбрана откако започна пандемијата. Докторите создаваат доверба кај граѓаните.

Секако и идеолошкиот предзнак е доста важен, затоа што секој од нас носи свои ставови и убедувања како може Република Македонија подобро да изгледа.

Кој е Оливер Зафировски професионално?

Во својата професионална кариера можам да вбројам повеке проекти и

активности. Четири години бев Заменик генерален директор и единаесет години Генерален директор на ЈЗУ “Институт за белодробни заболувања кај децата“- Козле. Оснoвач сум на Македонската и Балканската школа за педијатрија. Исто така сум и еден од основачите на институтот за цистична фиброза. Јас и мојот тим менaџиравме со изградбата на новиот објект ЈЗУ “Институт за белодробни заболувања кај децата“ -Козле, набавивме најдобра опрема и обезбедивме врвна едукација за вработените по европски стандарди. Автор сум на повеќе меѓународни трудови и книги.

Колку проекти се планирани во вашата програма ?

Гарантирам дека главна задача ќе ни биде да се реализира тоа што сум го ветил во програмата и да ги исполнам ветувањата што сум ги дал кон граѓаните. Во оваа програма ќе видите многу проекти што ќе го разубават Карпош од секоја сфера на општественото живеење. Со нив ќе се подобри и унапреди стандардот на живеење во нашата општина. Сакам да нагласам дека во наредниот период ќе се фокусираме на отворање нови работни места со помош на општината, нови општински развојни зони во кои ќе може да се реализираат нови капацитети, кои ќе носат нови вработувања и ќе се создадатможности за искористување на природните ресурси за отворање капацитети во кои ќе се вработуваат луѓе, со поддршка на приватната иницијатива и развој на бизнисот. Ќе се осврнеме и на инфраструктурните проекти од секој вид кои ќе ја модернизираат општината и ќе го променат ликот на местото во кое живееме градејќи го во модерно европско населено место.

Ќе бидеме во постојана комуникација со граѓаните, бидејќи сакаме да внесеме што поголема демократија и свежина во локалното донесување одлуки. Во нашата општина ќе биде отфрлен стереотипниот начин на донесување одлуки во затворени канцеларии и кабинети. Локалните претставници ќе бидат секојдневно на терен меѓу вас граѓаните, спроведувајќи една од најдобрите светски практики за подобрување на распределбата на локалните буџетски средства. Тоа е партиципативното буџетирање. Со него сите граѓани ќе имаат еднакви можности да бидат вклучени во донесувањето одлуки за намената на општинските финансии.

Преку партиципативното донесување одлуки граѓанинот го добива местото што го заслужувал отсекогаш: тој е централна клетка од која поаѓаат и се разменуваат информации меѓу креаторите на локалната политика и корисниците на услугите. За сето тоа што е ветено, остварено, потрошено, општина Карпош ќе оддава отчет пред граѓаните. Тоа ќе се одвива на најтранспарентен начин при што секој може бесплатно да пристапи кон информациите за донесените одлуки, акти и буџет.

Само со ентузијазам и со посветеност се постигнуваат резултати кои граѓаните високо ги ценат и вреднуваат. Горд сум на постигнатото во својата докторска кариера, но имам уште многу идеи и иницијативи кои ќе ги исполнам со помош на граѓаните.

Во нашата програма се опфатени повеќе од 100 проекти. Тие ги опфаќаат сите целни групи. Проекти за деца и млади, за социјално загрозени групи но и за највозрасните – пензионерите … Буквално програма во која ќе се пронајде секој од нас. Тоа е програма од граѓаните, но и за граѓаните. Програмата е внимателно направена поради тоа што е составувана прецизно во последните 2 години.

Со истата се нудат решенија за проблемите кои секојдневно ги загрижуваат карпошани.

Колку проекти и кои ќе бидат први на листата за реализација?

Искрено зборувајќи сметам дека општината заслужува да има насмеани деца, вредни и задоволни родители, згрижени стари лица, заинтересирани и вклучени пензионери. Едноставно сакам сите да бидат задоволни и среќни. Во Карпош мора да има нула толеранција за урбаната мафија и конечно ќе се стави крај на малверзациите со градежни парцели. Тоа се начелата по кои се водиме и ќе се водиме.

Веројатно по моја проценка и по проценка на мојот стручен тим, ќе започнеме со решавање на најкрупните и најтешките проблеми. Под број еден е ревизија на штетните ДУП-ови, онаму каде е потребно.

Со оглед на тоа што има многу дечиња кои не се запишани во градинка веднаш мора да се започне со проектите за нова градинка, секако и клон градинки таму каде што е потребно.

Реконструкција на најоштетените улици и градење на пензионерски дом и мултикултурен центар ќе бидат исто меѓу приоритетите.

Во предвидените проекти се и петкатни гаражи, две народни кујни, многу нови зелени површини, континуирани мерки против аерозагадувањето, еко акции и активности за подобра и поздрава животна средина.

Дефинитивно ќе создадеме нова поубава иднина за карпошани!

Колку проекти и кои од нив планирате да бидат реализирани за време на 4 годишниот мандат?

Во идниот четиригодишен период ќе се соочиме со многу предизвици за модернизација на нашата општина Карпош. Во овој четиригодишен период ќе спроведеме сериозна агенда и доследно и посветено ќе ги реализираме ветените проекти во сите области значајни за локалната самоуправа.

Јас како градоначалник на Карпош, нема да бидам задоволен доколку барем 80 % од ветеното во програмата не биде реализирано. Секако освен проектите кои се ветени во програмата, секогаш оставаме простор и за проекти кои дополнително ни ги доставуваат граѓаните, а се од суштинско значење за нашата Општина. Тоа се грубо кажано, околу 85 проекти за граѓаните на Карпош.

По кои начела ќе се водите во работата како градоначалник на oпштина Карпош ­?

Мојата визија за Карпош не е во просечното туку во тековното одржување на општината. Тврдам дека е време да ја надминеме скромноста и летаргијата и наместо да се задоволуваме со povremeno асфалтирање улички и редење бетонски плочки, време е за нови идеи, за нова енергија, а промената во комбинација со посветеност и со одржување на дадениот збор секогаш вродува со дела.

Карпош е една од најубавите општини во Скопје и заслужува одговорна локална самоуправа, а граѓаните заслужуваат вистински партнер во градоначалникот. Градоначалник што знае да ги препознае потребите и проблемите и да понуди решение. Градоначалник со визија и со реален план за исполнување на дадените ветувања. Човек со доследност и истрајност, човек со вреден тим зад кој стојат принципите: ветено – исполнето.

Секогаш се водам од срце, искрено и храброно чесноста и транспарентноста ми се на прво место. Можеби немам многу време за одмор, но секогаш сум достапен на сите на кои сум им потребен.

Кое е вашето мото што ве води во животот?

Живеј го животот со полни гради и биди најдобрата верзија на себе. Можеби звучи како клише но навистина е така. Лично сметам дека нема цел која е недостижна доколку се работи посветено.

Секојдневието ми е исполнето со многу обврски и затоа ми е потребна многу позитивна енергија. Малку спијам, а најголемиот дел од денот ми е посветен на работните обврски. Секогаш наоѓам време за семејството и пријателите, дали тоа е семеен ручек или кафе дружба не е важно, но важно е да се видиме .

Што ве прави среќен?

Под број еден е секогаш семејството. На професионален план најмногу ме прави среќен да им помагам на луѓето, затоа и станав доктор со посебен акцент на децата – бидејќи тие се нашата иднина и нашето најголемо богатство.

Верувам дека токму желбата да им помагам на луѓето ми даде дополнителна мотивација да се кандидирам за градоначалник на Карпош. Сакам да ги видам моите карпошани горди и среќни на својата општина. Заедно ќе го направиме Карпош најубава општина и заедно ќе создадеме нова иднина.

Коронавирус