петок, 18. октомври 2019. Вести денес: 107
home Скопје

ЗА ЧИСТ АЈРО: Марин со 27 инвертери ќе го чисти Аеродром со 100.000 жители

ЗА ЧИСТ АЈРО: Марин со 27 инвертери ќе го чисти Аеродром со 100.000 жители

Со 50 отсто субвенција за купени инвертери на 27 домаќинства градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин има план да го чисти воздухот во оваа скопска населба која има околу 100.000 жители.

Граѓаните кои во текот на годинава купиле инвертер за замена на начинот на греење, може да аплицираат во Општината до 18 октомври. Максималната субвенција е половина од цената на инвертер климата, но не повеќе од 15.000 денари со вклучен персонален данок на доход. Во буџетот на Општината за оваа мерка се предвидени 400.000 денари или субвенции ќе добијат 27 домаќинства, а субвенционирањето ќе се врши по принципот прв дојден, прв услужен.

– Општина Аеродром субвенционира инвертер клими со цел намалување на загадувањето од затоплувањето на домовите, за да се намали нарушувањето на квалитетот на амбиентниот воздух во градот, велат од Општина Аеродром.

Заинтересираните аеродромци треба да достават барање за субвенција, фотокопија од лична карта и трансакциска сметка, потврда за платен данок на имот заклучно со 2018 година, имотен лист за објектот со адреса на подрачјето на Општина Аеродром како доказ дека е извршено купување инвертер клима, односно оригинал фискална сметка или фактура и извод од банка.

Граѓаните ќе треба да достават и изјава во која барателот под полна материјална и кривична одговорност ќе потврди дека до поднесувањето на барањето бил корисник на печка на јаглен, дрва, нафта или мазут, објектот во кој се инсталира инвертер климата не е во фаза на градба, објектот не е приклучен на градското централно греење и дека друг член на домаќинството не поднел барање за добивање субвенција.

Марин и градоначалникот Петре Шилегов како опозиционери протестираа за чист воздух во Скопје и заедно со премиерот Зоран Заев најавуваа „чист ајро и за Ајродром“.