понеделник, 22. јули 2019. Вести денес: 100
home Скопје

Трет ден жители на Кисела Вода протестираат пред Центарот за зависници – Темелковски заборави што вети пред изборите

Трет ден жители на Кисела Вода протестираат пред Центарот за зависници – Темелковски заборави што вети пред изборите

Жителите на Кисела Вода трет ден по ред одржуваат протест пред Центарот за зависници со што го изразуваат револтот кон министерот за здравство, кој вети дислоцирање на центарот.

Имено, тие на влезот ги спречуваат зависниците да ја земат терапијата во Центарот.

На протестот присуствуваа и градоначалникот на Општина Кисела вода Филип Темелковски, претседателот на Советот, Дарио Шимиќ, членовите на Советот и невладините организации „Хобс“, „Доверба“ и „Шприц патрола“, а сите заедно испратија порака дека и жителите и корисниците на овој центар заслужуваат достојно внимание за решавање на ова долго време отворено прашање и преземање радикални чекори во интерес на постигнување трајно решение.

„Иако ние го немавме ветено во програмата, сметавме дека е несоодветно место за самата болница да биде тука“, вели Темелковски.

Но, во програмата „Живот за сите во Кисела Вода“, со која Темелковски ги трчаше локалните озбори пред две години, сепак се споменува и болницата за зависници:

„Сериозно ќе се ангажираме преку заедничка работна група со надлежните министерства да ги анализираме сите проблеми… кои произлегуваат од болницата за зависници и ќе изнајдеме креативни решенија. Безбедноста на граѓаните е наш приоритет“, стои во Програмата.

Жителка на Кисела Вода, присутна на протетост, чијашто внука пред неколку денови се боцнала на искористена игла, апелираше колку што е можно побрз рок Центарот да биде дислоциран.

– Едно е тоа што примаат терапија, но остануваат тука по цел ден, остануваат полуголи, голи, се боцкаат на недолични места, а нашите деца се принудени да ги гледаат сите тие работи, наведе таа.

Еден од лицата кои протестираа нагласи дека населението во повеќе наврати се соочило со грабежи, како и дека биле напаѓани жени и деца.

– Нас не ни сметаат зависниците, нас ни смета начинот на кој тие се тука. Ни смета начинот на кој ја земаат терапијата, односно неволјите кои ги прават, посочи тој.