петок, 20. јули 2018. Вести денес: 0
home Скопје

Субвенции за скопјани за купување велосипеди

Субвенции за скопјани за купување велосипеди

Град Скопје и општина Центар и годинава ќе доделат субвенции за купување велосипеди. Граѓаните ќе можат да аплицираат на јавните повици кои се во фаза на подготовка и наскоро треба да бидат објавени.

Во буџетот на Град Скопје за 2018 година за оваа намена има предвидено 10 милиони денари.

– Целта на оваа мерка е стимулирање на граѓаните за помасовно користење на велосипедот како превозно средство, соопшти Град Скопје.

Минатата година првпат Град Скопје додели субвенции за граѓаните за набавка на велосипеди и за оваа намена беа потрошени 10 милиони денари. Согласно условите, минатата година беа субвенционирани средства во висина од 50 отсто од цената на велосипедот, но не над 4.000 денари по лице. Интересот за јавниот повик беше голем, сите средства беа искористени и беа доделени субвенции на повеќе од 2.600 граѓани.

Право на учество на јавниот повик имаат жителите на Град Скопје кои треба да достават барање за надомест, доказ за жителство во Град Скопје, копија на важечка лична карта на барателот, копија од трансакциска сметка на барателот и доказ дека е извршено купување на нов велосипед и тоа со копија од фискална сметка или фактура и извод од деловна банка со датум од денот на објавување на повикот.

Општина Центар во 2014 година почна со доделување субвенции за купен велосипед во рамки на проектот проектот „Цел Центар на точак“.  Повикот се очекува да биде објавен како и изминатите години во мај и од тогаш граѓаните ќе можат да купуваат велосипеди. Во буџетот на општина Центар за годинава за оваа намена се предвидени 2,8 милиони денари.

Од општина Центар информираат дека има огромен интерес за оваа мерка и оти со неа ќе се овозможи растоварување на сообраќајниот метеж, почист воздух и поздрава животна средина.

Наскоро и општина Карпош треба да почне со субвенционирање при купувањето велосипеди.

Град Скопје информира дека во континуитет работат на подобрување на условите за користење на велосипедот како превозно средство, преку реконструкција на постоечките и изградба на нови велосипедски патеки. Сите поголеми реконструкции на улици и булевари, како и изградба на нови сообраќајници во своите проекти предвидуваат и реконструкција или изградба на велосипедски патеки. За оваа цел во буџетот на Град Скопје за 2018 година се предвидени 30 милиони денари.

Во моментов се реконструираат велосипедските патеки на поголем број локации, како што се булеварите „8 Септември“, „Кочо Рацин“, улиците „Ѓорче Петров“, „Втора македонска бригада“…

Покрај реконструкцијата и изградбата на велосипедски патеки, Град Скопје преку јавното претпријатие „Улици и патишта“ изминатиов период работи и на зголемување на безбедноста на пешаците и велосипедистите преку поставување заштитни столпчиња на велосипедските патеки по улиците и булеварите во централното градско подрачје. Со ова се спречуваат несовесните возачи да ги паркираат нивните возила на велосипедските и пешачките патеки. Изминатиов период вакви столпчиња се поставија на улицата „Димитрие Чуповски“ (кај Министерство за правда), „Свети Климент Охридски“ (пред седиштето на ЕУ во Македонија), „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и други локации.

Покрај инфраструктурни зафати, градските власти велат дека работат и на зголемување на достапноста на велосипедот до сите граѓани. Тука влегува и поддршката на проектот за изнајмување велосипеди, која се реализира преку ЈП „Градски паркинг“, како и планот за развивање на системот за јавниот превоз во Скопје со можностите за комбиниран превоз.