На прашање на советничката Јелена Жугиќ дали новиот кредит со кој ќе се задолжи Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје за набавка на автобуси на гас значи дека Градот се откажува од набавка на електрични автобуси кои самиот градоначалник, Петре Шилегов ги најави уште во февруари Шилегов одговори дека во овој момент електричните автобуси не се опција бидејќи технолошки напредни и не одговарале на Град Скопје. Но, Шилегов заборави дека на прес конференција во февруари потпиша меморандум за соработка со Чариот моторс, за пробно возење на електрични автобуси на улиците на Град Скопје. Дополнително, тогаш Шилегов се пофали дека такви електрични автобуси се возат и во Белград, Тел Авив, Грац, Мадрид.
Советникот Фадил Ника рече Шилегов да внимава на провизиите при ваквата зделка, голема 10 милиони евра, и да не се претера со парите бидејќи градоначалникот „си ја има мувата на капата кога станува збор за провизиите“. Шилегов на ова одговори дека не влегол во политиката за провизии и оти тоа е казниво по закон.
Ирена Попова му рече на Шилегов дека неговата грижа за Скопје може да се види по тоа што не е во состојба да ги одржи и оние кои претходно се набавија, па се палат по улиците поради несовесно одржување.
Советничката од Левица, Драгана Велковска праша како сега се задолжува Градот, а претходно тврдеа дека како опозиција се против задолжувањето.
Шилегов изјави дека кога објаснува не го сфаќаат. Тие задолжувања биле различни споредено со оние од минатото, со оглед на тоа дека сега ова задолжување било за реални задоволувања.