недела, 17. ноември 2019. Вести денес: 33
home Скопје

Со кредит од Светска банка ќе се гради нова градинка во Драчево

Со кредит од Светска банка ќе се гради нова градинка во Драчево

Министерството за труд и социјална политика објави оглас за избор на градежна компанија која ќе пристапи кон изградба на нова детска градинка во населба Драчево.

Имено, Oпштина Кисела Вода кон крајот на минатата година изработи основен проект за изградба на нова градинка во нас. Драчево, по што аплицираше и доби грант од МТСП за зголемување на капацитетите на јавните детски градинки на нејзината територија.

-Имајќи го во предвид фактот дека сегашниот капацитет на објектите за згрижување на најмладата популација во нас. Драчево не ги задоволуваат барањата и потребите, односно листите за чекање за упис на деца се предолги, од суштинска важност се наметна потребата за изградба на нова детска градинка во најголемата населба во општина Кисела Вода, се вели во соопштението од општина Кисела Вода.

Согласно изработениот проект, новата градинка ќе се простира на површина од 600 квадратни метри, со поделена катност од подрум, приземје и еден кат. Во подрумот е предвидена просторија за горилник и остава за огревен материјал. На приземјето ќе се наоѓа главниот влез на градинката, како и 4 занимални. На првиот кат се планира да бидат сместени јаслите како и придружни простории.

-Вкупниот капацитет на градинката за згрижување на деца е вкупно 125, од кои 95 деца на возраст од 2 до 6 години и 30 деца до 2 годишна возраст. Објектот ќе ги задоволи сите параметри за енергетска ефикасност, а во функција ќе биде и млечна кујна, санитарни простории, како и соодветен паркинг простор. Општина Кисела Вода обезбеди правосилно одобрение за градење, а почетокот на изградбата на објектот се планира по завршување на тендерските процедури. Целокупниот проект е финансиран преку кредит од Светската Банка за спроведување на Проектот за подобрување на социјалните услуги, се наведува во соопштението.