вторник, 25. јуни 2019. Вести денес: 78
home Скопје

Скопските градоначалници како сидро за Пендаровски, стопија 55.000 гласови од локалните избори

Скопските градоначалници како сидро за Пендаровски, стопија 55.000 гласови од локалните избори

Голем пресврт во политичкото расположение на скопјани по само година и пол од последните локални избори. Вака би можело да се опише она што се случи во првиот круг од претседателските избори. Изборниот резултат е јасен, исчезна големата поддршка која владеачката партија ја имаше во Скопје. Едноставно им успеа да стопат дури 55.000 гласови. Градоначалникот Шилегов и неговите општински колеги со толкава предност победија на изборите при крајот на 2017 година. Во неделата, во Скопје кандидатката на опозицијата Гордана Силјановска – Давкова освои 664 гласа повеќе од оној на власта, Стево Пендаровски, односно, 87.268 наспрема 86.604 гласови и победи во пет скопски општини, пренесува Скопско ехо.

Зошто скопјани нагло ја скратија политичката поддршка на СДСМ? Колку во тоа придонес дадоа и самите градоначалници со своето (не)работење?

– Неисполнетите ветувања и арогантното однесување, иако ништо не направија во Скопје, сигурно дека влијаеа на моето гласање. Зошто сега да му верувам на Пендаровски дека ќе прави така како што ветува кога неговите сопартијци на локално ниво не си ја завршуваат задачата, ни коментира Трајан Јордановски.

Каде се најавените проекти?
За поконкретно потсетување да наведеме дека во 2017 година Шилегов оствари убедлива победа уште во првиот круг со дури 141.164 гласови на скопјани, а сега, кандидатот на неговата партија СДСМ, пак, освои само 86.604 гласа. Поточно, дури 54.560 гласови помалку.
Истовремено, власта која досега под контрола ги имаше сите десет скопски општини сега го загуби и мнозинството гласачи дури во пет: Гази Баба, Кисела Вода, Бутел, Аеродром – Ѓорче Петров. Само од овие пет општини на контото на опозицијата и на нејзиниот кандидат Гордана Силјановска – Давкова се прелеа 33.166 гласови кои порано беа кај градоначалниците од редовите на власта.
Според Александар Ристевски, кој живее во Карпош, главните причини за ваквиот изборен резултат и пресвртот во Скопје треба да се поврзат со работењето на извршната власт – со разни платформи, неисполнети ветувања и штетниот договор со Грција, но и слабата локална власт.
– Во Скопје или се тера шминка или се најавуваат мегаломански проекти кои не може да се испорачат каков што е, па пример, тунелот под Кале. Втор и многу поголем проблем се скопските општини, кои едно зборуваат друго прават. Сите на куп. Најмногу на удар во Скопје се Бутел, Чаир и Ѓорче затоа што таму се уште проблемите кои граѓаните ги имаат се основни – асфалт, канализација, сливници, тротоари, осветлување… Општини како Аеродром и Карпош имаат проблем со преголемите ветувања кои не можат да ги испорачаат. Сега се се сведе на асфалтирање тротоари и косење трева, потенцира Ристевски.

Ништо не направија за загадениот воздух
-Јасно е дека граѓаните беа незадоволни од градоначалниците и дека тоа имаше влијание на претседателските избори. Според мене, посебно влијание имаше ветувањето за чист град и за чист воздух во него. Граѓаните во тој поглед не беа ни ислушани и покрај големите критики и по социјалните мрежи и по телевизиите. Голем број граѓани гласаа за Силјановска и заради безаконието, заради уништувањето на се што е македонско, потенцира скопјанката Цветанка Каракашевска.
Граѓаните во општина Аеродром уште чекаат на гасификација, на нова гимназија, нов културен центар, нови паркиралишта, а се разочарани од неисполнетото ветување дека ќе се сменат ДУП-овите, посебно на оној кај Мајчин дом. Во Кисела Вода се уште се чека на нова поликлиника исто како и во Гази Баба каде уште ги нема ниту базенот, градинката, катната гаража… Поликлиника нема ниту во Кисела Вода каде граѓаните уште чекаат и на парк и на бројни други објекти. Нова здравствена установа нема ниту во Бутел, исто како што го нема ниту новиот спортски центар и други ветени проекти….

Се потпреа на утнати анкети
Премногу се потпреа на анкетите, ни пиша еден сограѓанин. Како доказ дека тие не се точни ни ги посочи следниве бројки: Анкетата на агенцијата „Рејтинг“ спроведена во април е една од големите промашувања на овие претседателски избори. Според неа, разликата меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска изнесуваше 5,1 процент ( 38,3 наспрема 33,2 проценти), што се покажа како погрешна проценка. Разликата во процентот на освоените гласови на крајот изнесуваше само 0,61 отсто.

Целиот текст каде се и конкретните анализи на бројките може да го прочитате во бесплатниот неделник СКОПСКО ЕХО.