сабота, 7. декември 2019. Вести денес: 0
home Скопје

Скопскиот аквадукт се распаѓа, СДСМ целосно заборави на ветувањата за реконструкција и уредување

Скопскиот аквадукт се распаѓа, СДСМ целосно заборави на ветувањата за реконструкција и уредување

Скопскиот аквадукт целосно заборавен од СДСМ иако претходно долг период го користеа за политичка пропаганда ветувајќи негова реконструкција и креирање на туристички и културен простор во неговата околина. Тој денес се наоѓа во катастрофална состојба, а просторот околу него повеќе наликува на депонија.

Претставници на СДСМ во минатото го посетуваа Аквадуктот и ветуваа дека ќе започне со конзервација и реконструкција. Воедно во рамките на тој проект, тие најавија дека просторот околу него ќе биде уреден и заштитен предел каде Град Скопје и околните општини ќе одржуваат културни содржини за граѓаните и туристите кои го посетуваат главниот град.

Имено, поранешниот министер за култура и актуелен советник на Заев, Роберт Алаѓозовски пред парламентарните избори во 2016 година на 6 октомври како претставник на СДСМ изјави дека тие ќе го заштитат и реконструираат аквадуктот, а воедно и просторот околу него ќе го направат туристички и културен предел за сите граѓани и посетители на Скопје.

Подоцна во февруари 2018 година Заев, Шилегов и Алаѓозовски како тогашен министер за култура беа во посета на аквадуктот за повторно да ги ветат истите работи.

– Продолжуваме со интензивна акција, која треба оваа локација да ја претвори во атрактивна дестинација за граѓаните на Скопје, на Македонија, но и за регионалните и светските туристи, изјави Заев.

Додека пак Алаѓозовски изјави дека аквадуктот нема повеќе да се запоставува и затоа обезбедени се средства за изработка на Проект за конзервација и реставрација на Скопскиот аквадукт, а веднаш потоа ќе се почне со реконструкција и програмски и културните содржини кај локалитетот.

– Први за конзервација се најзагрозените делови на аквадуктот, а понатамошната реконструкција ќе се одвива внимателно и стручно во неколку фази. Освен тоа, Министерството ќе ги поддржи програмски и културните содржини кои ќе ги реализираат Градот и општините на чија територија е локалитетот и контактните зони, изјави Алаѓозовски.

Сепак, денес сме сведоци дека ништо од тоа не е случај. Дека власта нема намера да го исполни ова ветување говори и фактот дека не постои проект за конзерваторско-реставраторски работи на аквадуктот, иако за тоа беа одобрени 30 илјади евра со Годишната програма на Министерството за култура, а тоа за медиумите во април го потврди и директорот на НУ Конзерваторски центар – Скопје, Коле Чапканоски.

И додека никој не знае каде завршиле тие 30.000 евра, Аквадуктот е оставен да се распаѓа и не е започната ниту реконструкцијата, ниту пак е уреден и заштитен просторот околу него, а никаде ги нема и најавените културни содржини за посетителите.