среда, 29. јануари 2020. Вести денес: 96
home Скопје

Што ветија, а што (не)исполнија градоначалниците

Што ветија, а што (не)исполнија градоначалниците

Граѓаните се уште ги чекаат проектите кои пред две години им ги ветија кандидатите за градоначалници во Скопје. Изборните програми кои ветуваа подобар живот, очигледно беа преамбициозни, ако се земе  предвид фактот дека голем дел од капиталните проекти се уште не се реализирани.

Граѓаните ги чекаат резултатите од работењето на градоначалниците, а тие порачуваат: чекајте, има време.

Бидејќи најголем дел од ветеното не е ни почнато да се гради, прашањето е: Ќе успеат ли за година и пол, да го направат тоа што не го направија за две и пол години?

Најчестиот изговор кој го слушаме за неостварените ветувања е немањето доволно средства. Тоа го слушнавме неодамна од градоначалникот Петре Шилегов кој ветуваше пробивање на „Илинденска“ до Волково, за сега да каже дека тоа е економски неисплатливо.

Шилегов ветуваше и ревитализација на езерцето Треска, ама сега кажува дека пред десет години, минатата градска власт ингеренциите и ги дала на Општина Сарај, па затоа не можел тој ништо да направи.

И, најважно, ветуваше чист воздух, за сега да каже, не може тоа така брзо да се направи. Чекајте, има време, ни вели Шилегов.

Ќе чекаме ама до кога?

Дека нема пари, а и време, слушнавме и од градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумоски, кога од него беше побарано да изгради канализација и асфалт, според ветеното.

„Не може се да направам за две години, немаме толку средства во буџетот“, рече Наумоски.

Граѓаните ќе треба да почекаат и за кружниот тек и градинката во Волково, како и за амбуланта во Дексион.

Во Кисела вода пак, Филип Темелковски ветуваше градинка и амбуланта во Расадник, нов булевар од Пинтија до Драчево, градинка во Драчево, катна гаража во Расадник.

Еко паркинзи, нова градинка во Влае, дом за нега на стари лица во Злокуќани, ветуваше Стефан Богоев, во програмата за Карпош, но уште не се изградени.

Градинка во местото Расадник, адаптација на простор за детска градинка во Љубанци, изградба на поликлиника во Бутел, воведување на парно греење, плоштад во Бутел 1, изградба на водоводна мрежа во селата Љуботен и Љубанци, се дел од ветените, а нереализирани проекти од изборната програма на Велимир Смилевски или како што милува Смилевски да каже, „Пред фактите и боговите молчат.

До 2019 во Автокоманда требаше да биде изградена поликлиника, опремена со најсовремена опрема од примарната и секундарната здравствена заштита. Минатата година требаше да биде изграден пешачки мост кој ќе ги поврзува општина Гази Баба и општина Аеродром.

Се уште чекаме и нова детска градинка во Маџир Маало, и реставрација на ресторанот Езерце, во Градски парк. Во програмата, Саша Богдановиќ дал рок до 2020, која само што не дошла, ама и за овие проекти граѓаните ќе почекаат.

Златко Марин пак, најавуваше ново средно училиште и амбуланта во Лисиче, нова општинска зграда, затворен зелен пазар.

Изградба на нова современа четирикатна гаража која требаше да биде завршена до 2019 година, изградба на културен центар, и зграда со социјални станови најавуваше градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш. Такви објекти во општината се уште не се изградени.

Очигледно, четири години се малку за да се изгради се што ќе се напише на хартија, ама сепак, зборот е збор.

Извор: slobodenpecat.mk