вторник, 19. јуни 2018. Вести денес: 0
home Скопје

Шилегов: Наскоро 30 нови полначи за да се зголеми бројот на електрични возила во Скопје

Шилегов: Наскоро 30 нови полначи за да се зголеми бројот на електрични возила во Скопје

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов денеска учествуваше на форумот што го организираше  Машинскиот факултет, на тема „Намалување на загадувањето на воздухот со електромобилност“.

– Споредено со другите поголеми градови во Европа, Скопје има значително помалку електрични автомобили. Иако постојат повеќе поволности за користење електрични автомобили, за жал, се уште сме далеку од европскиот просек – истакна Шилегов.

Тој додаде дека Град Скопје работи на стимулирање на граѓаните да купуваат електрични автомобили преку обезбедување просторни услови за полнење и дека дополнително е обезбедено и бесплатно паркирање на местата означени за полнење на електрични автомобили додека се полнат. Предвидено е наскоро да се постават 30 нови полначи за електрични автомобили и полнењето на автомобилите на овие полначи на почетокот ќе биде бесплатно.

– Електромобилноста не подразбира само користење електрични автомобили, туку и електричен јавен превоз. Низ Скопје овие месеци вози електричен автобус. Автобусот е направен согласно со последните технолошки трендови во оваа индустрија. Се работи за енергетски ефикасен автобус кој троши минимално количество електрична енергија и опремен е со систем за брзо полнење. Најголемата предност е тоа што воопшто нема емисија на издувни гасови кои го загадуваат воздухот. Автобусот сообраќа пробно низ Скопје 6 месеци, а претставува одлично искуство за модернизација на јавниот градски превоз – рече Шилегов.

Во своето обраќање Шилегов потсети дека возниот парк на Град Скопје освен електричен автомобил, вбројува и електрични скутери и велосипеди кои градската администрација редовно ги користи, затоа што електричните возила не генерираат ЦО2 и други штетни гасови споредбено со конвенционалните возила со погон на фосилни горива.

Придобивките од користење на електричните возила се многубројни бидејќи тие се далеку потивки во однос на возилата со мотори на внатрешно согорување и со нивно користење се намалува бучавата во урбаните средини, како и  доведува до намалување на загадувањето на почвата и водата, имајќи ги во предвид опасностите при излевање на нафта и масло како составен дел од конвенционалните возила со мотор со внатрешно согорување.