понеделник, 9. декември 2019. Вести денес: 40
home Скопје

Се менуваат имиња на улици, мостови, плоштади- Град Скопје бара предлози

Се менуваат имиња на улици, мостови, плоштади- Град Скопје бара предлози

Град Скопје денеска објавува анкета за прибирање предлози за нови имиња на топоними (улици, булевари, мостови, плоштади, паркови и други инфраструктурни објекти).

За таа цел, како што информира Град Скопје, објавен е онлајн прашалник (https://skopjelab.typeform.com/to/tyGGmL) преку кој на граѓаните им се овозможува да ги испраќаат своите предлози за топоними преку интернет, со одговарање на неколку прашања. Прашалникот ќе биде отворен до 18 август 2019 година.

Граѓаните што не користат интернет, своите предлози со кратко образложение можат да ги испратат преку пошта на адреса: Град Скопје, Совет на Град Скопје, бул. Илинден, бр. 82, најдоцна до 18 август.

Согласно Законот за определување имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти, имињата на градските топоними „можат да бидат определени со географско, етнографско, историско и друго обележје, име на истакната личност од областа на историјата, науката и културата, други погодни имиња, како и име на значаен настан и датум, врз основа на листа на имиња“.

Од Град Скопје посочуваат дека предложените имиња од граѓаните ќе ги разгледува Комисијата за именување на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Советот на Град Скопје што има задача да ја состави листата на имиња во согласност со одредбите на овој Закон и истата ја доставува во форма на предлог до Советот на Град Скопје, кој ја утврдува истата по претходно добиени мислења од општините и согласност од Владата.

Граѓаните ќе имаат можност да предлагаат само имиња на топонимите, но не и локации кои би биле именувани со овие имиња. Комисијата за именување на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Советот на Град Скопје ќе ги разгледа предлозите на граѓаните, но нема обврска сите предлози да ги вклучи во листата која ќе му биде предложена на Советот, наведуваат од Градот.

Оттаму велат дека во членот 6 од истоимениот Закон пропишано е дека не може да се определи име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект со кое се нарушува угледот на државата, се навредуваат националните чувства на граѓаните на државата и на граѓаните на други држави, како и се нарушуваат односите меѓу заедниците, обичаите и јавниот морал. Во едно населено место две и повеќе улици не можат да имаат исто име. Името на топонимот не може да има повеќе од четири збора.

При составувањето на оваа листа Комисијата ќе води грижа за застапеноста на предлог имињата кои означуваат личности и настани од значење за историјата, културата и науката на граѓаните кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во државата, се наведува во соопштението од Град Скопје.