понеделник, 26. октомври 2020. Вести денес: 62
home Скопје

Регулаторна контра Шилегов – изјавите дека новите тарифи на водата се политички мотивирани се од неупатеност

Регулаторна контра Шилегов – изјавите дека новите тарифи на водата се политички мотивирани се од неупатеност

Изјавите дека воведувањето на новите тарифи за водата се политички мотивирани се базирани на недоволна упатеност во законските обврски и се штетни за целиот реформски процес, велат од Регулаторната комисија за енергетика откако дел од градоначалниците не ги прифатија новите цени.

„Потенцираме дека сите пресметки на тарифите се во согласност со законската и подзаконската регулатива која и понатаму професионално и доследно ќе биде применувана од наша страна. Професионалноста во донесувањето на решенијата од страна на Регулаторната комисија за енергетика може лесно да се провери доколку за тоа се има желба и интерес“, велат од Регулаторна комисија.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов во средата ја повлече точката од дневен ред со која требаше да се воведе нова давачка за одржување на пречистителни станици и рече дека оваа одлука на Регулаторната комисија е политичка од партизирана институција од минатата власт и додека е тој градоначалник нема да дозволи граѓаните да плаќаат поскапа вода а средствата за одржување на пречистителни станици ќе се обезбедат преку домаќинско работење на ЈП „Водовод и канализација“.

Од Регулаторна велат дека воведувањето на нова тарифа за прочистување на отпадни води е согласно Законот за утврдување на цени на водните услуги и нејзината висина е неспоредлива со ниедна друга бидејќи овој вид на тарифа за прв пат се воведува за Скопје.

„Доколку претпријатието смета дека со ефикасно работење ќе може да ги намали оперативните трошоци кои се презентирани во барањето до Регулаторната комисија за енергетика, може да подготви промена на барањето и да го достави на увид и одобрување од наша страна“, велат од Регулаторна.

Коронавирус