вторник, 13. ноември 2018. Вести денес: 1
home Скопје

Промени во зонското паркирање во Центар

Промени во зонското паркирање во Центар

Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на општина Центар“ воведува промени во зонската поделба на јавните паркиралишта, временското ограничување за користење на паркиралиштата, начинот на наплата на паркирањето и начинот нa користење на повластената паркинг карта за деловен субјект и вработени во деловен субјект.

Промените на зоните се однесуваат на трите најфреквентни јавни паркиралишта „Дебар маало“, „Буњаковец“ и „Капиштец“. Од денеска, секторот „Дебар маало“ од зона 1 ќе премине во зона 01, а секторите „Буњаковец“ и „Капиштец“ од зона 2 ќе преминат во зона 1. Со овие промени, велат од општина Центар, ќе се добие подобра организација на паркиралиштата и ќе се воведе поголем степен на контрола и ред во паркирањето на територија на општината.

„За побрзо информирање на граѓаните за промените во зонската поделба, ЈП ПОЦ веќе ги обнови старите 99 информативни табли, а во наредните неколку дена ќе постави и 88 нови табли, што значително ќе им го олесни користењето на услугите на граѓаните коишто ги користат паркиралиштата со кои стопанисува претпријатието и ќе им овозможи попрегледно и пофункционално паркирање во општина Центар“, велат од општината.

Новите информативни табли се двојазични, на македонски и англиски јазик, заради големиот број на туристи коишто ја посетуваат општината. Таблите содржат информации за зоната, секторот, максимално дозволеното време на задржување, работно време, начинот на плаќање и цената на паркирањето по час и информации за контакт центарот.