петок, 24. јуни 2022. Вести денес: 0
home Скопје

“ПРЕСИНГ”: Меѓународниот конкурс за Расадник е шанса за Кисела Вода од вонредно значење!

“ПРЕСИНГ”: Меѓународниот конкурс за Расадник е шанса за Кисела Вода од вонредно значење!

По повеќе од пет години борба на дел од стручната јавност, граѓанските здруженија и новите медиуми за просторот на Расадникот во Општина Кисела Вода, конечно борбата вроди со плод. Повикот во повеќе наврати да се организира меѓународен архитектонско-урбанистички конкурс наиде на отворена врата кај новото раководство. Ова е извадок од текстот кој го третира меѓународниот конкурс за Расадник во афирмираното списание на комората на овластени архитекти и овластени инженери “Пресинг”.

– Во него низ призмата на стручната јавност, се говори за полезноста од јавните повици, како демократски чин, во кој ѝ се овозможува на професијата подеднакво да учествува во процесот на обликување и дефинирање на просторите од јавен карактер. Тие значат „културен натпревар“ преку кој во зададен временски период се добиваат повеќе решенија за една иста задача, вели авторот, м-р Филип Конески. Преку споделување на меѓународните искуства, низ текстот тој укажува и на потребата од организирањето на меѓународни архитектонски и архитектонско-урбанистички повици, што за младите архитекти е дел од процесот на професионално зреење, за поискусните предизвик за професионална надоградба, а за општините студија за одреден објект и простор во кој низ паралелата се согледуваат можностите и потенцијалот. Конкурсот треба да значи висок стандард во она што го бираме за себе, потенцира авторот во “Пресинг”.

Посебно го поздравува значењето на одлуката на новото раководство на Општина Кисела Вода во целокупниот процес на планирање на меѓународниот конкурс за ДУП-от за идниот лик на Расадник да ја вклучи целокупната стручна јавност од оваа област, Комората на овластени архитекти и овластени инженери, Асоцијацијата на архитекти на Македонија и Архитектонскиот факултет – Скопје при УКИМ.

– Оваа шанса за Кисела Вода и Скопје е од вонредно значење. Со вистински пристап ќе се придонесе кон подигнувањето на општата свест како се обликува јавниот простор, воедно подобрувајќи ги стандардите за живеење на целокупната околина. Она за кое најмногу треба да се надеваме е едукативното влијание врз населението, кое оттука натаму поинаку ќе ги следи постапките во создавањето на урбанистичките планови, не прифаќајќи ја просечноста и потпросечноста на која се навикнавме, потенцира Конески.

Инаку, Меѓународниот конкурс за Расадник е во финална фаза на подготовка. Работната група сочинета од претставници од Архитектонскиот факултет, Комората на властени архитекти и инженери, Асоцијацијата на архитекти на Македонија веќе 30 дена интензивно работи на неговото дооформување, по што во текот на следниот месец истиот ќе биде објавен за домашната и за меѓународната јавност.

Коронавирус