Град Скопје воведе бесплатен градски превоз за скопјани поради загадениот воздух. Мерката ја објави градоначалникот, Петре Шилегов, кој истакна дека стапува на сила веднаш и оти важи подеднакво за автобусите на ЈСП и за приватните превозници.
– Оваа мерка ќе трае се до моментот на намалување на загадувањето, за што дополнително ќе бидеме известени од страна на Министерството за животна средина, рече Шилегов на денешната прес-конференција и додаде дека автобусите ќе бидат со зачестена фреквенција.
Тој апелираше граѓаните без потреба да не користат возила или доколку мораат да ги користат, во возилата да се возат повеќе лица и побара да не се користат несоодветни материјали за затоплување на домовите.
Прeцизира дека воведувањето на мерката за бесплатен градски превоз ги чини скопјани по седум милиони денари дневно.