вторник, 19. јуни 2018. Вести денес: 0
home Скопје

Почнува „Баскерфест“ во Скопје

Почнува „Баскерфест“ во Скопје

На плоштадот „Македонија“ вечер од 19 часот ќе почне 13. Фестивал на улични уметници „Баскерфест“ со дефиле на 20-ина учесници од земјава и од странство.  Организаторите најавија повеќе од 20 точки на изведувачи од Јапонија, Аргентина, Шпанија, Франција, Индија, Бразил…, а посетителите како и во минатите изданија ќе имаат можност интерактивно да се вклучат.

На годинашниот „Баскерфест“ ќе учествуваат акробатот Енди Ди од Канада кој изведува акробации со огромен хулахоп, Мистер Ф од Франција – баскер-изведувач кој настапува со џиновски балон, Козани и Венди од Аргентина и Еспума Брума која оди на јаже, мајсторот на борачките вештини Хиро-Сан од Јапонија, Шпанецот Максимо Оптимо кој жонглира со моторни пили…

– Ќе имаме многу интересни содржини за сите возрасти. Плоштадот „Македонија“ шест дена ќе биде претворен во уличен театар под отворено небо со улични артисти, како и млади македонски музичари и светски баскер-бендови. За најмладите ќе има и детска едукативна работилница „Киндер парк“, едукативен пет-корнер за животни, како и неколку интеркативни игри, рече денеска на прес-конференција Сандра Темова од организаторите на „Баскерфест“.

Во склоп на фестивалот ќе има и интерактивни инсталации поставени на целиот плоштад, како и натпревар за креативни уметници- „Арт’Н’Крафт“. По повод претстојното Светско фудбалско првенство, ќе има спортски забавен корнер.

Авторот на инсталациите за деца, Горазд Христов, рече дека за најмладите ќе има најразлични игри и забава, како лулашка со гуми, голем кафез полн со балони, тунел на стравот… и, како и другите содржини на „Баскерфест“, во шесте фестивалски дена ќе почнуваат во 19 часот.

„Баскерфест“ неофицијално почна во четвртокот со карван од Охрид. Уличното шоу ќе помине низ неколку општини – на 15-ти и 16 јуни во Кочани, на 18-ти и 19-ти во Велес, на 20-ти и 21-ви во Штип, на 21 јуни во Македонска Каменица и од 22-ри до 24 јуни  во општина Центар.

МИА