понеделник, 22. октомври 2018. Вести денес: 0
home Скопје

Патници 50 минути чекале „19“: Скопјани доживуваат голгота чекајќи автобус

Патници 50 минути чекале „19“: Скопјани доживуваат голгота чекајќи автобус

Во неделата цели педесет минути чекавме автобус на линијата број „19“ во правец од Шуто Оризари кон центарот на градот. Колкумина задоцнивме на работа, поради неодговорното однесување на превозниците од јавниот градски превоз. А, од друга страна, нашиот градоначалник ни порачува да го користиме јавниот градски превоз. За каков превоз ни зборува, за овој нередовен, за стари автобуси без климатизација, без прозорци, со никаква хигиена, особено кога зборуваме за возилата што сообраќаат на линијата „19“. Ова се само дел од реакциите на скопјани, кои вчера остро реагираа, особено затоа што, како што велат, секој викенд ја доживуваат истата голгота, чекајќи „19“ по четириесетина минути на станиците, пренесува Нова Македонија.

И со право, велат, реагираат, затоа што многумина од нив не стигнуваат навреме на своите работни места. Ова е, велат, единствената линија што ги поврзува општините Бутел и Чаир со Карпош, па затоа и немаат многу избор освен да користат јавен превоз или, пак, поскапо да платат такси, ако веќе немаат автомобил, па така да си го планираат викенд- одењето на работа.

Велат, има многу луѓе на кои сабота и недела им се работни денови, а тие не можат постојано да се оправдуваат кај своите газди дека не стигнале навреме само затоа што немале автобус. Од друга страна, пак, плаќаат за превоз, а не добиваат ист квалитет во сите возила што сообраќаат на автобуските линии низ градов. Некои се чисти, климатизирани и редовни, а многу од приватните, како што е и „19“, се најчесто нечисти, без никаква климатизација, а на овие високи температури и на оние уште повисоки што ни претстојат патниците можат само да колабираат и во попладневниот метеж само да се борат за воздух во возилата.

-Ние од оваа страна на Вардар како да сме граѓани од втор ред и по правило не ни следуваат нови автобуси со клима-уреди во нив. Па, нели, старите не требаше да возат по скопските улици или ни ги оставија нам, па сега ќе се задушуваме. Како може да плаќаме 35 денари за билет, а да добиваме различни стандарди во возилата. Порано се знаеше, кој сака да се вози со приватен автобус во кој нема клима-уред, барем и ќе платеше помалку, вели Момир Стојановски од скопската населба Скопје Север.

На приватната линија број „19“ сообраќаат автобусите на приватното претпријатие Макексрес“, а од минатата година и возила на ЈСП, кои беа вклучени токму поради реакциите на граѓаните од општините Чаир и Бутел, дека се возат само во стари автобуси. Но од „Макексрес“ ја отфрлаат одговорноста за неделното чекање на патниците и тврдат дека всушност во два термини не се вклучиле автобусите на ЈСП, па затоа патниците биле оставени да чекаат.

-Сите поаѓања на возилата се бележат, а во викенд-деновите автобусите на линијата со број „19“ сообраќаат на 20 минути. Имало возило во 9.30, во 9.50, а потоа во 10.10 и во 10.30 часот фалело возило на ЈСП. Потоа во 10.50 часот се вклучило повторно наше возило, вели Милорад Димитриевски, еден од основачите на „Макексрес“.

Од ЈСП, пак, ја отфрлаат одговорноста и тврдат дека се неточни наводите дека не биле остварени две поаѓања на нивните автобуси.

-Апсолутно е неточно тврдењето дека во неделата во посочениот период 10.10 часот и 10.50 часот ЈСП-Скопје не остварило две поаѓања.

Според извештајот на Оперативниот контролен центар на ЈСП, поради дефект на возило единствено не било остварено поаѓањето на линијата „19“ предвидено во 9.50 часот.

Преостанатите поаѓања во согласност со возниот ред во 10.10, 10.30 и во 10.50 часот биле реализирани. ЈСП Скопје ги отфрла како паушални тврдењата за нереализираните две поаѓања, исто како и констатацијата дека „во недела не може да се дочека 19’“, велат од ЈСП-Скопје.

И додека одговорните си ја префрлаат вината, патниците сѐ уште го имаат горкото чувство од прекумерното чекање автобус во неделата.