петок, 27. април 2018. Вести денес: 13
home Скопје

Општина Карпош демантира дека воведува зонско паркирање

Општина Карпош демантира дека воведува зонско паркирање

Општина Карпош информира дека информациите што ги пренесоа дел од медиумите за наводно воведување зонско паркирање во Карпош се невистинити.

Во контекст на тоа, посочуваат од Карпош, факт е дека на неколку клучни локации во Општината постојат т.н. „тесни грла” во паркирањето. Станува збор, пред се, за потегот долж улицата Рузвелтова, која е неформална граница меѓу општините Центар и Карпош, како и за опфатот околу ТЦ Сити Мол.

– Жителите на Карпош од зградите, но и од околните куќи на овие локации, имаат реален проблем со паркирањето поради фактот што возила од Општина Центар и други посетители ги паркираат своите возила на паркинзите наменети за станарите на Карпош, кои се бесплатни. Но, исто така факт е дека поради ваквиот реален проблем граѓаните на Карпош од споменатите делови се повеќе го актуелизираат прашањето за поставување некакви ограничувања на паркирањето од другите општини. За таа цел, дури во неколку наврати поднесоа иницијативи до градоначалникот и до општината, за воведување зонско паркирање токму на посочените делови, се наведува во соопштението од општината.

Се нагласува дека општина Карпош, како сервис на граѓаните има обврска да ги реши сите реални проблеми на жителите, вклучително и овој со паркирањето. Во Карпош, како што се наведува, нема потреба од воведување на зонско паркирање на целата територија на општината, но најавува дека ќе ги разгледа иницијативите на граѓаните.

– Она што можеме како локална власт е да ги разгледаме иницијативите, да ја согледаме нивната оправданост и да изнајдеме најсоодветно решение. Дали на тие потези ќе има зонско паркирање може да решат само мнозинството од жителите на овие делови од Карпош кои се соочуваат со проблемот, откако претходно тие сознанија ќе бидат добиени со спроведување на анкета и непосредно изјаснување. Но, никако со „декрет” или наметнато решение од Општина Карпош или како дел од програмите на Град Скопје, се посочува во соопштението од општина Карпош.