недела, 18. август 2019. Вести денес: 66
home Скопје

Општина Ѓорче Петров се задолжи за 14,5 милиони денари

Општина Ѓорче Петров се задолжи за 14,5 милиони денари

После две години безидејност, неработење и расипништво од страна на локалната власт во општина Ѓорче Петров на денешната седница на Советот на општината советниците од СДСМ најпосле донесоа една крупна одлука: ЈА ЗАДОЛЖИЈА ОПШТИНАТА 14,5 МИЛИОНИ ДЕНАРИ, пишува советникот Славчо Мисајлески на Фејсбук.

-И тоа не би било дотолку важно ако тука нормално не е вмешан личниот интерес на градоначалникот. Инаку задолжувањето е за уредување на просторот и улицата во реонскиот парк т.н. Корзо каде што по некоја случајност се наоѓа и семејната куќа на фамилијата Наумоски. Дополнително и мотивот му бил личен (барем така се произнесе), го потсетувало на детството и романсите што се случувале во тоа време. И тоа се би било така убаво доколку општината нема други поприоритетни потреби и проекти, доколку жителите немаат проблеми со неасфалтирани улици, со фекална и атмосферска канализација, доколку нема листа за чекање во градинките, доколку и многу други слични потреби од есенцијална природа за нормално функционирање се задоволени. Нормално како што им доликува за тие нешта не го прашаа народот, немаше јавна расправа и немаше финансиска анализа за издржливост на отплатата на долгот иако законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа го наложува тоа. А впрочем и не би биле тие тоа што се доколку ги почитуваат законите. Ете пример си земаат од оние погоре во централната власт. И кога ќе се спомне задолжувањето прашањето што секој би си го поставил е каде се потрошени парите во изминатите две години со оглед на тоа што буквално ништо немаат направено, пишува Мисајлески и додава:

„Одговорот секако се наоѓа во лошото и расипничко управување на локалната власт, нерационалните трошења од различен вид, за пример само за редовни и привремени вработувања ги зголемија ставките за повеќе од 6мил. денари, ставки за репрезентација (1 мил денари само за градоначалникот), трошења за тродневни забави кои нашата скромна општина ќе ја чинат повеќе од 3 мил денари, разни трансфери и многу други непотребни трошоци. На сето тоа ние како советничка група жестоко реагиравме и ќе продолжиме да го правиме истото доколку се загрозува интересот на жителите од општина Ѓорче Петров. Нужно е народот да ги знае сите работи кои што се однесуваат на начинот како и за што се трошат неговите средства, дали се тоа за разумни проекти, искрени и чесни или пак во позадина се јавува само личниот интерес. На крај тие се оние кои што ја даваат и одземаат довербата. А по се изгледа во општина Ѓорче Петров довербата е оддамна потрошена сега се гледа само задоволување на личните и партиски апетити на локалната власт предводена од СДСМ“.