Со ДУП И17 не се уништуваат зелени површини. ВМРО ДПМНЕ повторно пласира лажни информации, со цел да манипулира со јавноста, се вели во демантот на општина Аеродром.
-Со ДУП И17 ниту една парцела не се пренаменува од зеленило (Д1) во градежно земјиште, како што беше случајот со ДУП И10, кој беше насилно донесен од претходното раководство. Овој регион е веќе исполнет со стари и запуштени објекти, со намена за лесна и незагадувачка индустрија, според стариот генрален урбанистички план. Освен што се зачувуваат постоечките зелени површини, ДУПИ17 за секоја парцела има предвидено задолжително уредување со патеки, односно зеленило. Исто така е планирана изградба на неколку улици, што значи комплетно нова инфраструктурна мрежа за тој дел, се наведува во соопштението.
Од општина Аеродром информираат дека ДУП И17 е прилагодување на стариот урбанистички план кон актуелниот генерален урбанистички план на Град Скопје.
-Со тоа се овозможува овој потег да се уреди и старите, запуштени објекти да се заменат со нови и модерни. Комерцијално – деловните објекти ќе привлечат и нови компании, што ќе придонесе за развој на општината, а овој регион конечно ќе добие изглед што наликува на современа населба. Општина Аеродром ги повикува ВМРО-ДПМНЕ да престанат да изнесуваат паушални информации и да се зафатат со конструктивна работа. Актуелното раководство на Општина Аеродром има јасно поставени приоритети – да создаде развојна општина, со баланс меѓу зеленото и урбаното и услови за квалитетен живот за сите граѓани, стои во демантот на општина на прес конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ.