четврток, 28. октомври 2021. Вести денес: 47
home Скопје

Од 100-те згради кај Расадник избришани маркички само за три- градоначалникот вели планот ќе овозможи хумано живеење, а ќе донесе 8 илјади нови жители

Од 100-те згради кај Расадник избришани маркички само за три- градоначалникот вели планот ќе овозможи хумано живеење, а ќе донесе 8 илјади нови жители

Од нацртаните 100 згради во населбата Расадник избришани се маркички само за три, а на пет е намалена катноста. Ова се предвидува со Деталниот урбанистички план (ДУП) Градска четврт Ј14 Расадник, кој Општина Кисела Вода го стави на повторно јавна анкета, поради одредени усогласувања со Генералниот урбанистички план (ГУП), објавува СДК.

И покрај барањата на жителите на Кисела Вода Општината да се откаже од овој план и наместо згради и нова населба да предвиди зелени површини на овој простор кој сега е празен и неизграден, во Расадник, што е на едвај 2 километри од строгиот центар на Скопје, ќе се гради. Трите згради се избришани бидејќи се наоѓаат во заштитена зона односно на траса на далекувод, а останатите згради остануваат со катност од 6 до 13 ката. Не се исполнети ниту барањата на граѓаните да се избришат маркичките за згради спроти основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ и до бензинската пумпа на улица Христо Татарчев.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски вели дека планот ќе овозможи хумано живеење, 50 отсто се згради, а 50 отсто ќе биде јавен интерес односно зеленило, градинки, училишта, поликлиника.

„Со оглед дека 90 отсто од овој простор е приватна сопственост односно земјиштето е вратено со денационалицијата, во планот мора да има згради, не може Општината целото земјиште да го откупи. Просторот е испланиран плански, со голем број зелени површини, катна гаража, подземни паркинзи и нови улици. Според бројот на згради ќе има околу 8.000 нови жители, а ќе биде предвидена нова градинка, проширување на постојната, основно и средно училиште“, вели градоначалникот Темелковски.

На јавната анкета по првото излагање на планот над 200 анкетни листови биле од граѓани кои барале поголема катност на зградите, а 170 граѓаните биле потпишани на петицијата доставена како анкетен лист против новите згради во Расадник.

„Во оваа ситуација колку што имаме незадоволни граѓани, имаме исто толку кои бараат дури и поголема катност. Секогаш ќе има незадоволни. Но, јас сметам дека планот е добар, просторот е испланиран на тој начин што ќе овозможи хумано живеење“, вели Темелковски.

Локални избори 2021