среда, 20. ноември 2019. Вести денес: 15
home Скопје

На Скопје му се заканува нова зима со загаден воздух

На Скопје му се заканува нова зима со загаден воздух

На Скопје му претстои уште една сезона на енормно аерозагадување, регираат граѓаните. Мерните станици веќе десетина денови покажуваат зголемени концентрации на честичките ПМ-10 во воздухот. Според еколошките друштва, свеста за пријавување на загадувачите е зголемена, но се жалат дека попусти се пријавите кај инспекторатите бидејќи казни нема.

„За цело време досега имаме луѓе коишто не ги интересира таа проблематика и второ, можат да не работат. Значи, си доаѓа, си зема плата, ќе излезе, ќе шета низ град и ништо не врши работа, а тоа му го овозможува овој систем, корумпиран систем, каде што ништо не функционира“, рече Петар Бошевски – еколошко друштво „Еко-Скопје“.

Но, освен што народот попусто пријавува и инспекторите за животна средина за џабе вршеле дел од контролите, оти немаат правилник над која гранична вредност може да казнуваат. Инспекторите биле и со „врзани раце“, вели Мирослав Богдановски од Град Скопје, но изненаден е зошто досега никој не реагирал.

„Минатиот декември инициравме измена на тој правилник до Министерството за животна средина каде на ложиштата до еден мегават, ќе им се определат гранични вредности по кое надминување инспекторите ќе можат да изречат казна и да напишат записник. Еве, сега сме месец октомври, имаме информации дека е потпишан од министерот, но сѐ уште правилникот не е излезен“, изјави Богдановски.

Сепак, од Инспекторатот на Град Скопје велат дека комуналните редари годинава дале резултат тројно поголем од лани. Но, истражување на невладината организација „Зелен институт“ покажало дека во Скопје бројот на казни е многу мал. Институтот денеска организираше јавна трибина во општина Центар за зголемено учество и на граѓаните во инспекцискиот надзор на загадувачите на воздухот. Средби со граѓани планираат и во Аеродром и во Гази Баба.

ИЗВОР: АЛСАТМ