вторник, 12. ноември 2019. Вести денес: 51
home Скопје

Мисајлески: Продолжува нетранспарентното работење во општина Ѓорче Петров

Мисајлески: Продолжува нетранспарентното работење во општина Ѓорче Петров

Членот на Советот на општина Ѓорче Петров од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Славчо Мисајлески преку статус на својот Фејсбук потенцира дека продолжува нетранспарентното работење во општината.

-Продолжува нетранспарентното работење во општина Ѓорче Петров. И по којзнае кој пат материјалите кои се од сензитивен карактер или ни се доставуваат со задоцнување или воопшто не ни се даваат на увид. Во последното Решение за закажување на 31та седница на Советот на општина Ѓорче Петров во дневниот ред покрај другите точки се содржи и точката за усвојување на Предлог Одлука за донесување на ДУП СЗ 20 во Хром. Иако согласно член 63 од Деловникот за работа на Советот материјалите треба да ни бидат доставени заедно со Решението за закажување на седницата 7 дена пред нејзиното одржување, предложениот ДУП не ни беше даден на увид. По наше усмено барање до службите за работа со телата на советот во општината и до Претседателот на Советот да ни биде доставен потребниот материјал кој што ни е потребен за да би можеле соодветно да се припремиме за закажаната седница истиот не ни беше даден. Со тоа службите и Претседавачот директно го прекршуваат Деловникот за работа на Советот а и Законот за локалната самоуправа а за сето тоа и поднесовме соодветна пријава до Државниот инспекторат за локална самоуправа.
Од тука се прашуваме по чија наредба го прават тоа? Што е тоа што е толку тајно во предложениот ДУП за населеното место Хром што не смее да се даде на увид на нашата советничка група? Тука и директно го прашуваме градоначалникот Наумовски: ШТО КРИЕТЕ?! Дали заборавивте дека на граѓаните им ветивте транспарентност и неселективност а особено за населеното место Хром ветивте контролирана урбанизација. Дали со тоа што не ни се доставува деталниот урбанистички план го криете одговорот на овие прашања и дали навистина ќе си ги исполните вашите ветувања онака како што ги ветивте?! Дали пак причината за криењето е тоа што ниту една претставка од граѓаните не е прифатена, освен на Вас подобните?
Граѓаните г-не Наумовски, од Вас очекуваат отвореност во вашата работа и работата на советот а од наша страна да бидеме коректор на целиот тој процес. Затоа од тие причини ние ќе продолжиме да ги користиме сите можни демократски механизми со цел граѓаните на општина Ѓорче Петров да добијат објективен увид во Вашето работење а со тоа и да се заштитат нивните интереси. Порано или подоцна вистината секогаш излегува на површина, стои во неговиот пост на Фејсбук.