четврток, 19. септември 2019. Вести денес: 85
home Скопје

Кога се видовме Коко скокаше и се радуваше, се гушкавме и бакнувавме преку решетките!

Кога се видовме Коко скокаше и се радуваше, се гушкавме и бакнувавме преку решетките!

Зоо негувателот Драган Трајкоски пред 10 години го испрати шимпанзото Коко на ресоцијализација во Холандија, а вчера го пречека во скопската Зоолошка градина. При нивната прва средба после толку време, Коко веднаш го познал Драган.

„Се прашував дали ќе ме познае. Веднаш штом влезе во живеалиштето, Коко тргна кон мене и се прегрнавме. Како да не сме биле разделени 10 години, како и јас со него да сум бил во Холандија“, ни изјави Драган.

Драган за Коко се грижел откако бил деветмесечно бебе. Вели дека бил многу весело шимпанзо, но бидејќи останал сам, станал анксиозен и токму тој инсистирал да замине на лекување.

„Сега се грижам за морските лавови, но ќе им помагам и на негувателите кои се грижат за Коко“, додава Драган.

Коко вчера заедно со шимпанзата Мими, Роси и Хјасл стигна во Скопје од Центарот за заштита на животни во Амстердам. Мими има 62 години и пред да биде донесена во Центарот, била во циркус. Роси и Хјасл имаат 38 години, а кога имале шест месеци, биле донесени во Австрија од Африка за лабораториски истражувања на СИДА.

За шимпанзата е изградено ново живеалиште според светски стандарди, какви што бараат светските организации за заштита на животни. Има двоспратен внатрешен дел, со додатни простории за одмор, преглед и карантин. Надворешниот дел е збогатен со голем број реквизити, но е и оддалечен од посетителите, со цел шимпанзата да имаат свој мир и да не бидат вознемирувани однадвор.

Извор: sdk.mk