вторник, 23. јули 2019. Вести денес: 9
home Скопје

Ќе успее ли Владата да ја отстрани дивоградбата на Матка?

Ќе успее ли Владата да ја отстрани дивоградбата на Матка?

Нелегалните градби во Охрид се стопирани, а институциите постапуваат согласно законите, изјави премиерот Зоран Заев. Вели дека рушењето во некои случаи може да забави поради административни работи, како на пример, тендер за избор на фирма што треба да ги сруши објектите. Но, потенцираше дека доколку сè уште се гради, иако е издадено решение за стопирање на градбата, ќе следува кривична пријава за непочитување на решението.

-Стопирани се двете градби со решение на соодветен инспектор. Има издадено решение. Во постапувањето на самото решение следува процес на извршување. Законот мора да важи еднакво за сите и ние ќе постапиме. Ако не постапи општината, ќе постапи државата, бидејќи тоа не е така само поради УНЕСКО, туку поради законите во Република Северна Македонија кои што треба да се почитуваат, изјави премиерот Зоран Заев.

Вели дека институциите постапуваат и во врска со дивоградбите на Матка. Но, градоначалникот на Сарај ќе почека второстепена судска одлука пред да дејствува во врска со бесправно изградените платформи.

-Си има за една од платформите судски спор. Деновиве Министерството за транспорт ме извести дека мора да бидам претпазлив, да не постапувам на брзина, бидејќи има двостепеност во нашата држава и се разбира согласно законите и ова прашање ќе биде постапено во тој дел, изјави Блерим Беџети, градоначалник на општина Сарај.

И двата случаи, дивоградбите во Охрид и на Матка јавноста ги поврза со високи јавни функционери.

На Вардар се руши, на Матка абер нема

Екипите на градежното претпријатие Бетон пред неполн месец почна со рушење на бетонските столбови во реката Вардар на кои требаше да биде поставено панорамското тркало, а за незаконски поставената платформа во кањонот Матка абер нема.

Имено оваа платформа се појави уште во февруари и надлежните институции си играат пинг-понг за отстранување на оваа дивоградба и истата наместо да ја снема расте и и се надградува.

Кањонот Матка е прогласен за споменик на природата и е заштитено подрачје од трета категорија, ама за тоа ниту Општина Сарај, ниту Град Скопје, ниту Државниот инспектор за урбанизам, ниту Министерството за транспорт и врски не реагираат.

За тоа, и покрај осудата на јавноста, нема испратено механизација и екипи какви што беа пратени во случајот со столбовите во Вардар.

Пред повеќе од три месеци министерот за транспорт и врски Горан Сугарески изјави дека доколку општината Сарај не ја урне, тогаш ќе мора да постапи Државниот инспекторат за урбанизам.

Кога ова јавноста ќе го дочека, останува да видиме…